26. декември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
РЕГИОН

Во Хрватска во јануари почнува процедурата за враќање на задолжителниот воен рок

Во Хрватска во јануари идната година, по претседателските избори, ќе започне законската процедура за враќање на задолжителниот воен рок, а првите повици на регрути се очекуваат кон средината на 2025 година, соопшти денеска хрватското Министерство за одбрана.

„Министерството за одбрана подготви законски предлози со кои се регулира основната воена обука, како и други прашања поврзани со спроведувањето на воениот рок“, пишува порталот Индекс.

Постапката за донесување закон за задолжителен воен рок ќе започне во јануари 2025 година, се вели во соопштението на Министерството за одбрана.

Ресорниот министер Иван Анушиќ во септември изјави дека регрутите ќе бидат сместени на три локации.

„Потенцијалот е меѓу 17 и 18 илјади млади луѓе кои секоја година наполнуваат 18 години и кои се наши идни кандидати за основна воена обука“, рече тој тогаш за време на обиколката на касарната во Бјеловар.

Хрватскиот претседател Зоран Милановиќ, кој е и врховен командант на вооружените сили, не се спротивстави експлицитно на воениот термин. Но, тој бара на оваа тема да се разговара на седница на Советот за одбрана.

„Таа одлука не може да биде ничиј политички каприц, туку договор на хрватската демократски избрана влада. Значи, прво состанок на Советот за одбрана, договор, па дури потоа може да се издаваат наредби. Не си играјте со задолжителниот воен рок“, изјави претходно Милановиќ./Извор:Makfax