21. декември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СТАВ

 Тунелот на пингвинот

Откако се ослободивме од оние претходните, тие „злобни“ и „ненародни“ социјалдемократи, да ви кажам дека едноставно процветавме. Да простите, не може човек да не’ препознае колку сме успешни, богати и бериќетни. 

Добро, во економска смисла не сме баш најдобри, ама се работи на тоа: еве, да речеме, зејтинот „Бисер“ од 82 денари намален е на 79 денари. Па, малку ли е? Се грижат луѓето, работат на случајот, три денари плус три денари плус три денари се девет денари, ама тоа е најмалку важно, важно е дека се трудат да не’ банкротираме. Добро, помалку сме и банкротирани, ама, пак, во секој друг сегмет од животот сме препородени: од демократија до сеопшта човечка чесност, искреност и владина транспарентност. Нема повеќе лаги, нема повеќе корупција. 

Мислите дека иронизирам?

Таман работа, не сум до толку луд, а и преопасно е! А ги нема ниту оние „антикорупциски иницијативи“ на оние „тетки“ со трајни „флизулчиња“ и витлери, ги нема затоа што оваа власт е некорумпирана, во спротивно, зошто таквите „тетки“ воопшто би молчеле? Дури денес ако викнеш дека владата е корумпирана може да летне и по некоја кривична пријава од една проста причина – корупција во оваа земја нема. И ќе ве молам на тоа да се навикнете.

А сега сосема искрено да си кажеме, работите не се воопшто смешни, напротив – работите се страшни. „Антикорупциска борба“ во оваа земја се фингира, според тоа кои луѓе сакаме да ги маркираме како таргет, а на оние другите им простуваме затоа што едноставно се власт или се со власта. Малку замижи овде, малку заврти глава онде, плукни на рачиња, затриј ги и терај натаму. 

Маркирани „политички грешници“ се токму тоа: нечија маркирана политичка потреба – најчесто наменета за оние кои не сме „ние“ и оние кои имаат политички и јавен профил – класично политичко тепање. Читајте убаво: политичко тепање. Значи не тепање против лоповите и муфљузите од сите бои, туку борбата против корупција е за нас, баграта (пардон, за нас граѓаните!) како увертира во мобилизација на партиското членство наштелувано за следни локални избори. 

А во високите кругови на парите, власта и моќта, знаеме, се игра „антикорупциска борба“ во свилени ракавици – тоа можеби не се гледа многу јасно, ама на терен работите се јасно соголени. 

Имено, прво ќе го пуштиш Артан(а) Груби да одлета до Албанија или Косово, а потоа ќе го казниш некое полициско чиновниче кое работи за бедна плата на граница, па ќе се правдаш дека станува збор за пропуст на граничните државни службеници. Едниот полтрон ќе го поставиш откако ќе дојдеш на власт, а богами ќе поставиш (и вработиш) друг полтрон откако ќе дојдеш на власт. 

Во „високите одаи“ на власта, во свилени ракавици ќе се намирите со битангата и лоповот, а на граничните полтрони ќе им дојавите и ќе им речете да мижат од толку-до-толку часот. И овие мижат, што да прават кутрите, плата на први во месецот на сите им треба. 

На ист начин и со иста шема граничарите ќе мижат и за извесниот терорист „Блерим Рамадани“: чиновниците на граница го пуштаат, а откако ќе те фатат тебе како шеф и главен на министерството, ти, потоа, разбирливо, излегуваш на прес-конференција така што почнуваш политички да ги тепаш малите чиновници кои ти си ги поставил; за впечатокот да биде уште појак, ќе им се заканиш јавно со дисциплинска, па ќе се правдаш како се работело за пропуст, за несовесност и така натаму. Феноменален систем, малку шашав, ама совршено функционира. 

Заебана работа е оваа корупција; корупцијата е како војна: на некому е мајка, а на некому е маќеа. 

Министерот Тошковски е како Џон Ле Каре од „Алиекспрес“: само што Џ.Л.К. од службата на британската МИ5 и МИ6 направи книжевност, направи поджарн „новела“, направи чиста и најголема уметност; Џон ле Каре во своите пензионерски денови го (ре)креира шпиунскиот свет – „Тунелот на пингвинот“ со сите свои луѓе во него – а Тошко од МВР направи (или си прави?) третолигашки пазар. Некој ќе рече „секој со своите домети“, и ќе биде во право. Само што заради нивните домети, ние сме тука каде што сме. А реално сме за никаде.

Meѓутоа, не е погрешно ако ја продлабочиме приказната и на следниот начин: некој поради корупција ќе падне од власт, а некој на корупција ќе се искачи на власт. 

На пример, ако се’ уште се сеќавате, довчерашниот опозиционер а денешен премиер Мицкоски, не’ убедуваше дека живее од плата, како сите нас, обичната боранија; за после некое време, на еден подкаст, да не’ убедува дека бил набалиран со сериозна пара од меѓународниот бизнис, практично тргувал со европската елита, самиот crème de la crème. 

Да ви понудам сега еден сосема поинаков и комплетно различен обрт од ова кое погоре го пишував. Имено, кога поредокот е загрозен, а со тоа се наоѓа и пред пукање, ситуацијата ќе се премести на „Сите во војна против еден“. 

Да бидеме на чисто: јас мислам дека ниеден човек не смее да трпи било каква врста на пљачка или финансиска измама. Мислам, исто така, дека корупцијата е механизам со кој некои луѓе паѓаат од власт, а некои други стануваат власт. Ние да се бориме за идеи и вредности, а на нив да им ги оставиме парите? Фала многу, ама не прифаќам. 

Ама исто така не прифаќам да бидам корисен идиот во „антикорупциска борба“. Посебно не сакам да учествувам во борба која ќе ја спонзорираат и мотивираат странски фактори. Борба чија цел очигледно не е општество без корупција (кое, очигледно, е невозможно!); посебно не сакам да учествувам во борба која го бетонира нашиот колонијален статус. 

Дозволете да ви кажам што мисли (или поточно на што не’ учи) Рене Гирард. 

Имено, пред народот ќе биде фрлен еден таканаречен жртвен јарец. Оваа приказна е прастара и доаѓа од архаичните митови кои се преливаат и во Библијата; таму, пак, жртвата ја презема Христ: жртвуван е Божјиот син. Чинот на насилство ќе има катарзичен ефект и повторно ќе ја зацврсти заедницата. 

Проблемот лежи во тоа што катарзата е лажна, а нејзините ефекти минливи. Работата ќе се повтори. Историјата се претвора во миметички циклуси, така не’ учи Рене Гирард.

И уште не’ учи дека човекот е исполнет со миметички копнеж. Човекот е битие кои ги следи другите од хорот. Додека не видиме што другиот има, ние не знаеме кое е она што треба да го посакуваме. На сличен начин е конституирана и „забраната на таткото“. Уживањето е конституирано од уживање во кршење на забраните – такви сме гомна, што да се прави. Ние го сакаме она кое е забрането.

Забраната, парадоксално, не е тука за да не спречи да уживаме, туку уживањето да ни го овозможи. Без забрани, нема уживања. Ова генерално го приметува и’ Жижек кога детектира колку Достоевски грандиозно промашува. Не, не точно она што го вели Достоевски, ни вели Жижек: „дека ако нема Бог, се’ е дозволено“. А-а. Ако нема Бог, вели Жижек, значи ништо не е дозволено!?

Да скратам и привршувам.

Проблемот со антикорупциската идеологија е во тоа што претставува една врста на јавен, секуларизиран егзорцизам – што е една врста на паганско пренесување на жртва. Јавноста тука игра голема важност: затоа денес сите актери делуваат во медиумите, на порталите и на прес-конференциите: ја пренесуваат жртвата на гилотина. Сите исто зборуваат како папагали: „ова на народот му требаше, време е да се апаси“; или, „ние сме за тоа да бидат казнети сите оние кои го прекршиле законот“ и бла, бла, бла.

За да се докаже дека системот функционира, една голема група на корумпирани, врши егзорцизам над другата група корумпирани. После извесно време, власта ќе се промени, како што ќе се менуваат и улогите. 

Гирард вака тоа го нарекува: „Сатаната Сатана истерува“.

Размислете малку, не трчајте пред коњот, што би рекол мојот вујко Лале. 

Пишува: Ненад Јовановиќ

Текстот е личен став на Авторот.

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот кој е одговорен за неа, и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на Centar.mk.