26. декември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈА

Средба Јанев – Васиљевиќ: Ги дефинираме контурите на идната меѓусебна стратешка и оперативна полициска соработка

Денешната билатерална средба помеѓу Директорот на БЈБ, Александар Јанев и в.д.Директорот на полиција на Република Србија, Драган Васиљевиќ ги дефинираше контурите на идната меѓусебна стратешка и оперативна полициска соработка, која ќе се интензивира континуирано, првенствено во делот на прекуграничната соработка и завршување на финалната фаза за воспоставување на one-stop-shop на граничниот премин Табановце-Прешево, се со цел непречен проток на патници и возила.

Понатаму, иницирана е заедничка соработка за воспоставување на заеднички мото-патролни пунктови долж рутата која поминува низ нашите држави, како и продолжување на упатувањето на полициски службеници за поддршка во текот на летните сезони.

Беше остварена посета на Командно-оперативниот центар кој е организациски поставен во Управата за полиција, со цел размена на искуства за неопходните стандардни оперативни процедури за постапување и 24 часовно присуство на претставници од сите релевантни служби.

Од страна на српските колеги, презентирано е иновативно решение за е-полициска станица, која функционира без присуство на полициски службеници, а нуди одредени услуги за пријава на кривични дела и прекршоци, како и одредени граѓански постапки за издавање на лични документи.

Во рамки на Центарот за обука на полициски службеници, оперативно-тактичкиот тим во рамки на Одделот за борба против организиран криминал прикажа кратка тактичко-показна вежба и капацитетите за лишување од слобода на високо ризични сторители на кривични дела.

На крајот на посетата, донесен е заеднички заклучок за иницирање на редовни средби помеѓу релевантните служби на сите нивоа пред се во заедничка размена на искуства, информации за појави, реални закани, начини на нивно превенирање и сузбивање, спроведување на заеднички обуки за полициските службеници за разни области од полициското постапување.

Работиме интензивно за намалување на бирократските процедури во полза на ефикасната и ефективната секојдневна полициска соработка, бидејќи колективната безбедност на граѓаните е нашата мисија.