26. декември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СТАВ

Премолчената државна доктрина гласи – пари за сиромашни, глупави и неснајдени нема

Откако стапнаа на престолот, цело време не’ убедуваат со овие зборови: кој лаже, тој краде, кој краде тој е борец против корупцијата. Затоа денес нема „черчили“, се сами медиокритети каде и да се завртиш. Уште премолчено не’ убедуваат дека сме сиромашни затоа што сме глупави и неснајдени. 

Ајде на почеток да речеме вака. Откако знам за себе, со мали прекини од неколку години, јас сум формално-правно сиромашен (можеби сум сиромашен и во духовна смисла, ама тоа ќе го расправаме во некоја следна прилика.). 

Што би значело тоа? 

Тоа значи дека си „на завод“, со прост и едноставен речник. За тебе нема пензиско, стаж, здравествено. Таквите луѓе овде ги оставаат на мира со предубедување дека се глупави и неснајдени. 

На почеток мислеа дека сум полн со пари, знаете она, „Сорос, проекти, камиони и милиони…“ Кога разбраа дека сум богат како црквено глувче, притоа и разбраа дека Џорџ Сорос не е никаков Дедо мраз кој дели пари на кого сака и колку сака, некако за чудо – хистеријата и лудилата околу мојата глава запреа. 

Нема повеќе черечење на насловни, нема повеќе дефамација, нема повеќе вперување со прст в око. Откако разбраа властите (довчерашната опозиција) дека сум сиромашен, ме оставија на мира. 

Но, сакам друго нешто да ви кажам. 

Ние сиромашните не сме никакво малцинство за да треба нашите права да се штитат. Јок, море! Ние сиромашните, работните луѓе и „чесната интелегенција“ сме мнозинство. Оттука, богаташкото малцинство на чело со Мицкоски, на пример, уште премолчено бара дека треба да ги штитиме нив од нас – сиромашните.

Е, затоа нема покачување на плати на луѓето кои произведуваат општество: здравствени работници, наставници, професори, тутунари, земјоделци, за луѓето кои работат во јавниот сектор, оние кои даваат јавни услуги, за таквите, да простите – пари нема! Ние, таквите луѓе, сме обично топовско мевце, така е убедена оваа власт. За такви луѓе нема пари од државниот буџет: тие, или сите ние, сме биле опасни исклучиво за малата група богаташи „во“ и „со“ власта – нив не им смета туѓата сиромаштија, се’ додека тие се така фино намирени и во животот одлично им оди. 

Или со други зборови: вие во оваа земја можете да бидете загрозен национално, верски и родно. Може да ви биде загрозено и вашето право на сексуално определување. Вие во оваа земја можете да бидете жртва на мизогинија, хомофобија, исламофобија, албанофобија… вам може да ви бидат „на изволте“ сите антидемократски пракси во оваа земја, политички определби па дури и правата на животните…

Во оваа земја на мира ќе ве остават единствено ако сте сиромашни како црквени глувци. И уште ни велат: за нашата сиромаштија сами сме виновни: „затоа што си неснајден, затоа што не си прилагоден на времето, затоа што во конечноста не си дел од ВМРО-ДПМНЕ“, така премолчено ни велат. 

И уште премолчено ни велат: да јадеш, да се грееш, да платиш образование за твоето дете – тоа не спаѓа во нашите права. 

Значи, не си загрозен ако не можеш на своето дете да му дадеш пари за ужинка или да му платиш екскурзија. Ниту детето твое е загрозено поради тоа. За нас сиромаштијата не важи она: ти можеш да бидеш се’ што ќе посакаш. Затоа што овде сите многу добро знаеме: сиромашен не може да стане богат, ма колку и’ страсно тоа да го посакува. 

Уште бараат да го прифатаме и новиот „македонски месија“, да им аплаудираме на новите пророци… Сме требале уште да уживаме во животот, да сме уживале во себе. Навистина? Да ја прифатиме сиромаштијата? 

Нашите деца треба да се гордеат со ефтините крпи на себе затоа што немаат скапи „гаџети“ со кои се фалат другите деца од добростоечките класи? Да се биде сиромашен не значи дека вие сте изопштен од заедницата или жигосан. 

Ако сте оделе во училиште, и ако сте имале работа со вашите училишни врсници, знаете многу добро како меѓу нив јасно е изразена хиерархијата. Многу добро знаете како сиромашните брутално се казнуваат. Знаете дека поради тоа што имате помалку од останатите вие и вашето дете ве исклучуваат од заедницата. Ве праќаат кај психолози и директори. 

Ама што има врска: ајде да уживаме во сиромаштијата – прифатете го сопственото сиромаштво и уживајте во него, беседат денешните нови и „успешни“ пророци.

Се разбира дека сум способен и за циничен одговор: сиромашните не се никакво малцинство, па сега да ги штитиме уште и нивните смрдливи права. Сиромашните треба да ги отфрлат своите предрасуди и ги прифатат богатите, а ако е возможно – да им помогнат на богатите да бидат уште побогати. 

А во суштина никој така не е исклучен од заедницата како оние најсиромашните. Оние кои немаат ништо, кон никого немаат суровост и омраза освен кон оние кои имаат помалку од нив. Како што никој према хомосексуалците не е така агресивен како латентните хомосексуалци – хомосоцијалните заедници – навивачките групи и разни религиски братства, на пример, никој не гаи поголем презир кон сиромаштијата како што гаи таканаречената средна класа, која и сама е латентно сиромашна. 

Затоа за знамиња, имиња, идентитети, јас, мили мои, не ви давам пет гроша. Идентитетските приказни во суштина се тука за да ја прикријат класната борба: овде беснее класна војна во која богатите, како што еднаш искрено објасни Ворен Бафет: богатите се тука за да ги дерат сиромашните.

Што уште тоа ни говори?

Тоа ни говори дека кога доаѓа на власт ВМРО-ДПМНЕ секогаш системот ќе се темели на оние кои имаат и оние кои ништо немаат. На тоа се базира нивната доктрина. Богаташите не смеат да исчезнат, затоа што со нив, така не’ убедувa државната доктрина, ќе исчезнел и системот. 

Сите други борби за еднаквост ќе бидат поддржани – и нека, и треба да бидат поддржани. Ама барањето за еднаквост, оној кој го упатуваат сиромашните, за нив ќе нема никаква шанса. 

Нема грантови за сиромашни, нема фондови за сиромашни, а нашите „јавни интелектуалци“, денес, ако приметувате, се занимаваат со други, поотмени работи. 

Секое барање за еднаквост што им го врти газот на сиромашните и се задоволува со еднаквоста само за себе, лицемерен е и промашен. Кога бараме солидарност за себе, нели елементарна пристојност е најпрво да ја понудиме на другиот и сиромашниот?

Пишува: Ненад Јовановиќ

Текстот е личен став на Авторот.

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот кој е одговорен за неа, и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на Centar.mk.