10. јануари 2025
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СТАВ

Не одиме ние никаде, или зошто кога велиме народ, мислиме на себе?

Имам една апорија (на мојот дух, намерно не велам „мојата душа“) која не ми е јасна до крај. Не сфаќам зошто не разбираат нашите „елити“ (посебно онаа со „конзервативен“ предзнак): нема каде да се оди од тука.

„Ние ќе одиме во Европа“, ни велат. Јас им велам: не одиме ние никаде, мили брајќа и сестричини. Не знам како тоа не го разбираат. И не разбирам како не разбираат дека во Европа ќе не’ примат со помош на соседите-комшии, а не во пркос и контра нив.

Значи кога ќе „ни дадат“ зелено светло соседите, луѓето со слични културни кодови како нашите, тогаш ќе влеземе во Европа. Каква врска има просечен бугарин, просечен србин и просечен македонец со еден просечен австриец, германец, француз, холанѓанец…? Никаква врска нема, ете ја сета разлика на овој свет.

Ако сакам моите текстови да се читаат и во други земји, најпрво сакам да се читаат во Србија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Црна Гора… Затоа што тоа е мојот заеднички културен простор. Јас не разбирам како тоа не го гледаат нашите „елити“. И затоа велам дека нема мрдање од тука додека не се создаде добар и пријателски однос со нашите соседи. Нема Европа ако нема добра клима помеѓу нашите соседи.

„Утувите то, ѓутуруми“, што би рекол мојот вујко Лале (оној што ќе погоди кој е Вујко Лале го носам на ќебабчиња).

Понатаму, не знам дали сум ви кажал: македонска телевизија не гледам, македонска подкасти не гледам, „рилсови“, тик-токови и останати чуда на „модерната технологија“ исто така не гледам. Гледам „паметни“ подкасти кои најчесто немаат врска со оваа земја, ете го тој фамозен парадокс. Читам книги, гледам филмови и повремено трчам/џогирам, кога за тоа ќе се подобрат временските (не)прилики.

На оваа скапотија повеќе не „банчам“ ниту по кафани, моето најомилено место за безделничење и одмор надоградено со танки шприцери и дупло еспресо.

Зошто не гледам македонска телевизија, дали тоа мојата „препотенција“ (?) се искачила на највисоко!? Јок, море! Затоа што медиумскиот простор е до злабога досаден. Не мора да ве потсетувам (или мора?): идејата на медиумите е 1) да информираат; 2) забавуваат; и 3) еманципираат.

Ништо повеќе и ништо помалку.

Спинови, пропаганди, досадни и милион пати прежвакани фрази и флоскули не сакам да слушам, а оние луѓе кои нон-стоп ми се појавуваат на исти телевизии со исти и вечно-убиствени теми кои ги умртвуваат мозочните ќелии, едноставно се негледливи и „неслушливи“.

До толку секој човек треба да има самопочит кон себе.

Повремено отварам „тајм.мк“, чисто од „комерцијални“ причини за моите две редовни шлајфни-текст за порталот за кој денес пишувам, и тоа е се’.

Читајќи го пред извесно време сјајниот Игор Штикс во студијата „Државјани и државјанство после Југославија“ (материјалот го имате на интернет, ако имате навика за читање, нема да погрешите), интуитивно/контемплативно почнав да размислувам кога во мојата свест влезе синтагмата „народ“. Барав неколку клучеви низ обемната литература, па така, најсоодветните ќе ви ги приложам во редовите кои следат.

Зошто кога велиме „народ“ мислиме на себе, на пари и на нашиот статус во општеството?
Ајде да видиме што маестро И. Штикс има да ни каже, преведен и разбран низ мојата ментална визура.

„Едно време сите бевме ‘работни луѓе и граѓани’, а меѓу најдобрите од нас се наоѓаа комунистите. Притоа, уште бевме и ‘омладинци’, пионери, пензионери, општествено-политички работници, припадници на безбедносниот апарат и останато. Оние, пак, што не можевме да ги (у)оквириме во некоја група, ги нарекувавме ‘граѓани’, а ниту последновно не беше илегално“.

А, добро, море, црни Ненад – а „народот“? Добро, сите бевме народ, тоа беше доминантна етничка категорија („конститутивни народи“: македонци, срби, муслимани, црногорци…), ама тој збор широко беше прифатен и влезен во официјална употреба, едноставно не можеше да и’ се најде друга адекватна употребна вредност.

„Народот“ во социјалистичко време беше обичен плебс – лебозборци или леботворци, честит сој/или слој – останатите беа „работни луѓе и граѓани“. Потоа, со попуштање на репресалиите на југословенската држава и падот во економска криза, „народ“ се нарекуваа сите оние кои – во класна смисла – на било кој начин беа обесправени. И уште од тоа време сите оние кои беа неофицијална опозиција, од клубот на книжевници до кафанските пијаници, себе си ја припишаа таа еднозначна класна категоризација „народ“.

Нивниот непријател беше јасен: ниту Маркс, а уште помалку Енгелс, нивен вечен и траен непријател беа оние газоњи со мешлаци кои го создаваа(т) естаблишментот, поточно оние кои беа власт. И што прават луѓето на власт на овие простори: ништо, лупетаат празна слама, градат куќи и вили на море, возат бесни и западни автомобили, децата им студираат во странство, а „народот“ се’ потешко живее.

Така зборчето „народ“ влезе во свеста на нашиот човек, помалку лирски, самотепајќи се себе дека така се објаснуваат обесправените и осиромашените. (Ах, Игоре Штикс-у, царе, што пиеш и што јадеш на моја сметка?)

Па, продолжува Штикс: „зборчето ‘народ’ претставуваше аморфна маса од луѓе која за себе смета дека им припаѓа подобар живот од оној што им припаѓа. Ваков облик на ‘народ’ по дефиниција не можеше да има облик на средиште на – материјално и духовно – заедничка цел, освен тоа да ‘на народот му биде подобро’, што претпоставува, aко на пример сериозно би се занимавале, најобичен трип на забегани хипици или празнсловни попски псалмичари кои ни баат реченици од Новиот завет“.

А потоа ни доаѓа етничко-популистичката десница со наративот за „народот“ како романтичарско име за сиромаштија, заменет со етноидентификацијата на народот. Што во дополнителен превод би значело дека народот не е повеќе инклузивна човечка маса за себе, туку станува „македонски народ“, „српски народ“, „хрватски народ“ и така натаму.

Името „народ“ денес стана неизбежен зачин во секоја мирудија на сите политички мрсомуди кои додека ја изговараат оваа синтагма, мислат на себе, своите пари и својата лична моќ. Само речете „јас сум припадник на македонскиот народ“, и вашата класна позиција може да летне во облаци. И сите со два грама памет знаат дека истакнувањето на припадништво е ништо друго освен случајност, и знаат дека на тоа не би требало да се гледа како на вредност, не може да се гледа дури ниту како на арбитрарност, позиција од која вие настапувате и солите памет на „цела нација“.

Тие (читај, елитите!) ако навистина си ја сакаат земјата, прво треба да престанат да ги крадат нашите пари. Второ, ако веќе не’ крадaт така проклето и бездушно, тие не се никакви припадници на македонскиот народ, ами најобични поробувачи и манијаци.

Мислете малку за ова, почитувани читатели. Или уште подобро: читајте го сјајниот Игор Штикс.

Пишува: Ненад Јовановиќ

Текстот е личен став на Авторот.

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот кој е одговорен за неа, и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на Centar.mk.