Пред неколку денови се случи инцидент во централното подрачје на престолнината, некаде во Чаир, група од инфантилни пилиштари го запалиле македонското знаме на Денот на прославата на албанското знаме, за потоа, околу „Мавровка“ да припукаат рафално со огнено оружје, а снимката од таквиот „перформанс“ излезе за брзо време и на социјалните мрежи; следствено на тоа, цела држава се крена на нозе, па настана општонародна констернација и борбена готовност, како на времето кога во средно училиште наставниците не’ малтеретираа колку ни биле важни предметите по ОНО и ДСЗ (Општонародна Одбрана и Општонародна самозаштита).
Таа вечер, откако протекоа снимките на социјалните мрежи, мене ми беше неразбирливо како не може да ја видат „смислата“ на историската иронија. Па едните – македонска страна – блуеше бес, револт, ужас и констернација, а полицијата на чело со оној фамозен министер Тошковски најавуваше апсење, за во „поетски манир“ да ни чита точки од Кривичниот законик за нарушување на јавниот ред и мир и така натаму.
Другата ден, македонската страна не се воздржа да не’ возврати, па во градот Прилеп го запалија и изгазија албанското знаме, оти, нели, вие нас, епа и ние вас. Чисто колку да покажеме дека знаме како треба за тие кои „први почнаа“. А навистина, кој прв почна, мајку му!?
Ако некои Албанци мислеа дека ќе бидат радосни затоа што ги „заебале“ Македонците, нема причина за славење; кратко им траеше радувањето, затоа што веќе следниот ден Македонците ќе ги „заебат“ нив. И така во круг, вечно враќање на исто и во име на историското непријателство, додека има свет и век…
Во конфликтите на национализмите, веројатно до сега научивме (?), нема победник. Национализмот проголтува се’. Национализмот е како ебола: на крајот на краиштата, сосема е неважно кој прв почна, работата незапирливо се шири. Заразените сами ќе се заразат. На крајот, се се’ сведува на тоа дека кај национализмот, како и кај еболата, смртноста е висока.
Од друга страна, имам за вас уште една, малку поинаква и „културњачка“ поента.
Верувам дека сите ќе се присетиме на стотиците, ако не и илјадниците идотски вицови за Албанците кои, овие нашите, сите до еден, со години ги прикажуваа и гаеја предрасуди за нив дека се необразовани, глупави, примитивни, оние кои крадат дрва и струја, месат кифли и печат леб, додека ние, вистинскиот и најброен народ, остваруваме подвизи на кои им завидува целата планета земја.
Сакам да ви кажам и ова: не е прашање дали постои албанскиот национализам. Се разбира дека постои. И не е прашање дали постои идејата за Голема Албанија, затоа што постои, исто како што постои концепотот Голема Србија – „сите срби и сите албанци во една држава“ – заради овие идеи гореше Балканот пред две децении.
И како што пропадна проектот Голема Србија со Милошевиќ, така ќе пропадне и проектот Голема Албанија. Затоа што национализмите се ирационални, нема на што да го држат своето упориште во реалноста; национализмите брзо се пумпаат, ама и брзо издишуваат, што не значи и тоа дека додека ги пумпате помалку се опасни по „људству и материјалу“, што би рекол мојот вујко Лале.
Постои и друго објаснување. И постои друга разлика.
Државата Албанија во повеќе наврати истакна дека идејата за „Голема Албанија“ не е политика на таа земја. Државата Албанија засега не прави ништо што би претставувало закана за територијалниот суверенитет и интегритет на соседите. Но, сепак, на овие простори никогаш не можеш да бидеш на чисто со ниеден национализам. Затоа што се работи за опасни и запаливи тези. И секако, не се нови.
Ама национализмот секогаш нераскинливо е поврзан со паранојата. Националистите вака мислат: „непријателот секогаш сонува бестијални соништа“. Дури кога ви се чини дека е питом како јагне, кон непријателот држи нож позади грбот. Затоа непријателот треба „превентивно да се заколе“. За да не не’ заколе тој нас.
Паранојата е едно од тајните имиња на секој национализам. Сега, пак, доаѓаме до делот што нема да им се допадне на сите националисти од сите бои. Уште од времето на Фројд, од неговата анализа за „случајот Шребер“, знаеме дека постои блиска врска измеѓу паранојата и потиснатата пасивна хомосекусалност. Помислете за тоа, драги националисти. Или уште подобро: читајте за тоа.
Од друга страна, сакам да бидам крајно отворен: мене не ме интересира ничија традиција, мене ме интересираат човековите права. Сега, признавам, вака на екран делува како дрвена, бирократска конструкција на некој чиновник на ОН или некој блесав глобтротерски хуманиста, отколку што му приличи на некој писател или колумниста. Иако, цело време се се’ врти околу човековите права кои, на сите делови на светот често се загрозени токму заради делувањето на оваа или онаа „традиција“.
Затоа не ми паѓа на памет ритуално да се згрозувам над палењето на било чие знаме, затоа што потекнуваат од канонизираното и фолклорно празноверие како на македонска така и на албанска страна. Затоа што знам, како прво; тоа што ги поапсиле тие билмези во Скопје и Прилеп нема да реши ништо, и второ, без разлика што властите се повикуваат на законот, толеранцијата во различностите и останатите бла-бла-бла приказни, двете етнички страни се легитимирани и етаблирани од етнинационалистички „основачки мит“.
Насилниците и фашистите, сосема природно, имаат ветар во грб поради своите етнонационалистички постизборни победи – базирани на нивната сила, отколку на млитавата слабост на другата страна.
Aјде да ви да дадам уште еден пример, излегувајќи од нашите селски и задушливи подруми. Да се присетиме на примерот со Салман Ружди или Ауаан Хириси Али: не само што на првиот насреде Њујорк му го истераат окото заради неговата уметничка слобода, и не само што борката за женски права не преживеа страшно насилство и закани по нејзиниот живот од радикалните мули, туку добија и радикално и плиткоумно омаловажување од западните и секуларните лево-либерални „мултикултуралисти“.
Зошто, по ѓаволите, ќе праша некој.
Па како прво: и’ за нив важат истите правила и стандарди како и за западните општества (да речеме во погледот на женските права или правата на непречена уметничка слобода без разлика што авторот Салман Ружди деконструира верски табу-а).
Ете ви една од најиритантните апории на мултикултурализмот: тој е така плурално толерантен а во основа е така бедно (култур)расистички, затоа што помалку-или-повеќе природно, или барем прифатливо означува дека сите луѓе ги немаат сите базични и исти права, оти нешто кое се вика Џенифер, Фрај или Хелда, не може и не смее да го прави некоја што се вика Фатима, Aмир или Хамза, и ако не се побуните против тоа, вие не сте никакви мултикултуралисти, ами обични помочковци (со големо „П“).
Суштината, имено, не е во знамињата, туку во тоа дека сечие „традициско“ наративно насилство кое ќе дојде во сериозна колизија со правото на било кој човек да управува со сопствениот живот и независно ги прави своите животни избори, а не нешто „автентично“ кое треба лицемерно да го „респектираме“.
Или со други зборови: „Ах, ние не сакаме да се мешаме, не го разбираме ние тоа, тоа е сепак некоја сосема друга култура“?
Која друга култура?!
Кога ќе го слушнам зборчето „татковина“ искажано со некаков патос, знам дека некој сака да ме опљачка или претепа. Ама кога ќе го чујам зборот „традиција“, уште полошо: тука на дело е веќе обид за убиство.
Пишува: Ненад Јовановиќ
Текстот е личен став на Авторот.
Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот кој е одговорен за неа, и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на Centar.mk.