12. декември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈА

Трајчулески до Мицкоски: Правите партиски упад во независните тела, ова не е мерит систем

Пратеникот на СДСМ, Митко Трајчулески на денешената седница за пратенички прашања упати прашање до премиерот Мицкоски за уапдот којшто власта го прави во независните регулаторни тела со кои ги прекинува законските мандати и ги партизира исклучиво со партиски кадри.

Во продолжение интегрален текст од пратеничкото прашање:

„Почитуван премиере Мицкоски, во текот на претходните месеци во ова собрание беа доставени и донесени закони во скратена постапка со кои се прави директен упад во правниот систем на државата, со кои се прекинуваат мандатите на членови на државните второстепени комисии и на независните регулаторни тела по сила на закон и тоа во скратена постапка.

Ова е досега невиден преседан во нашата држава, со единствена цел реализирање на партискиот интерес, односно поставување на партиски луѓе на независните регулаторни тела и второстепени комисии.

Се прекинаа мандатите на членовите на државната комисија за решавање во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен, на државната комисија за решавање по инспекциски надзор, на републичкиот совет за безбедност во сообраќајот на патиштата, на агенцијата за електронски комуникации, на комисијата за заштита на конкуренцијата, а во собраниска процедура се предлози за разрешување на членовите на агенцијата за супервизија на осигурувањето и на дел од членовите на регулаторната комисија за енергетика.

Класичен партиски упад во скоро сите комисии и регулаторни тела во државата кои по својот модел треба да бидат независни од централната власт.

Без никаква анализа и без било какви јавна и стручна дебата, а со класична злоупотреба на законодавниот дом се врши брутална партизација на овие самостојни институции и регулаторни тела.

Поставувањето на новите функционери, најголем дел од нив истакнати членови на партиите на власт само ја потврди претходно искажаната загриженост на опозицијата за партизацијата на овие институции.

Создадовте пракса дека државата започнува со промена на секоја власт, создадовте перцепција дека Државата тоа сум јас, или во македонски услови Државата тоа е партијата.

Најеклатантен пример е назначувањето на Орце Симов, претседател на партиската комисија за информатичко општество, телекомуникации и аудиовизуелни услуги на ВМРО ДПМНЕ и Ангелка Диневска претседател на унијата на жени на општинскиот комитет на ВМРО ДПМНЕ во Битола за членови на комисијата на Агенцијата за електронски комуникации. Ова назначување е спротивно на член 18 став 1 од Законот за електронски комуникации.

Грубата партизација на сите јавни должности чие именување или избор зависат од волјата на мнозинството продолжија и во Советот за граѓански надзор над следењето на електронските комуникации и работата на безбедносните служби. Сите членови на ова тело се партиска испостава на владејачката коалиција, поранешни пратеници или истакнати партиски активисти. Небаре избирате општински комитет, а не граѓанско тело. Ова укажува на најмалку две претпоставки, или планирате повторно да прислушувате како во времето на режимот, или сте почнале да се сомневате во довербата на граѓаните и затоа не ризикувате со автентични граѓански решенија, туку играте на сигурно со “хард кор” партиски именувања. Класичен упад во надзорот на мерките за следење на комуникациите.

Премиере Мицковски, едно од вашите стожерни ветувања во предизборната кампања, но и како избран премиер на државата беше воведување на мерит систем, или систем на заслуги во јавната управа. Систем според кој треба да се креираат фер и правични услови и систем кој ќе го цени знаењето и искуството, а не политичката опција на која луѓето припаѓаат.

Ќе ве цитирам: “Се залагам за деполитизирана администрација, каде клучни ќе бидат стручноста и посветеноста“, затворен цитат. Изјава дадена од страна на премиерот Христијан Мицкоски пред еден ден.

Народски кажано, не ме гледајте што правам, слушајте што зборувам.

Моето прашање почитуван премиере е дали системот на заслуги кој го промовиравте пред изборите, и кој декларативно го промиварате и денес како избран премиер, во реалноста се трансформира во систем на партиски заслуги? “