12. декември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈА

Николовски: ДПМНЕ со партиски членови сака контрола над прислушувањето, СДСМ остро против партизацијата

Прес-конференција, Љупчо Николовски, пратеник на СДСМ – интегрален текст:

Почитувани,

СДСМ најостро ја осудува и се спротивставува на скандалозната партизација на Советот за граѓански надзор на комуникациите којшто на најбрутален начин го прави ДПМНЕ.

Ова тело ја контролира работата на институциите кои ги следат комуникациите, прислушувањата и постапува во претставки доколку некој е прислушуван.

Значи е од витално значење за граѓанскиот надзор врз следењето на комуникациите, човековите права, слободи и демократијата во земјата.

И наместо да биде составено од компетентни и непартиски експерти, ДПМНЕ го претвора во инструмент на партиска контрола комуникации и прислушувањето.

Предложениот претседател и дел од членовите се долгогодишни партиски активисти на ДПМНЕ, што целосно ја урива довербата во ова тело кое треба да е независно.

Принципите на транспарентност, експертиза и независност ДПМНЕ ги погази тотално, избира хард кор партиски кадри со што прави дрска партизација.

На пример,

Илче Димовски, претседател на УМС Битола, секретар на Општинскиот комитет на ДПМНЕ во Битола. Сега ДПМНЕ во предлага како кандидат од НВО, скандалозно.
Мирче Стојков, поранешен претседател на Општинскиот комитет на ДПМНЕ во Кочани и актуелен советник во советот од ДПМНЕ. Исто така.
Никола Затуровски – организациски секретар на ДПМНЕ.

Ова се партиските кадри кои ДПМНЕ сака да ги протне и ова е силен удар за демократијата и човековите права.

ДПМНЕ ги загрозува демократските процеси и капацитет на институциите и повторно се обидува да воспостави контролата врз прислушувањето.

Со грубо кршење на сите процедури, без соодветна подготовка и материјали, протна партиски кадри за членови на Советот, игнорирајќи ги обврските за избор на лица од невладиниот сектор и експерти.

Со ваков чист партиски состав, кој е зависен од една партија, се отвора простор за злоупотреби и загрозување на приватноста на граѓаните.

ДПМНЕ покажува дека има намера повторно да го злоупотребува инструментот за прислушувањата, исто како за време на режимот кога беа прислушувани над 20.000 граѓани.

СДСМ се бореше да го сруши тој недемократски систем, и заедно со граѓаните успеавме, а по демократските промени спроведовме реформа на целокупниот сегмент.

Бараме власта да се повлече и итно да врати процедурата во рамките на законските норми и стандарди.

СДСМ остро ќе се спротистави и нема да дозволи оваа партизација да помине. Ќе ја информираме целата меѓународна заедница, амбасадите и релевантните меѓународни институции за овој антидемократски потег на ДПМНЕ.

Доколку ДПМНЕ остане глува на овие предупредување ќе преземе и порадикални мерки.

Нема да дозволиме враќање на мрачното минато каде граѓаните беа прислушувани, следени, заплашувани, нема да дозволиме партијата ма власт да им го киднапира приватниот живот и да го злоупотреби.