Овој текст настанува длабоко во ноќтта, само неколку часа после партиското собирање на делагатите, уважените гости и пријатели на конгресот на социјалдемократите на чело со Венко Филипче.
Пред да започнеме со зборување, сакам да ви кажам дека јас „брблам“ за се и сешто, ама тоа веќе сите многу добро го знаат. Барем оние кои низ годините ме читаат. Некои психолози би рекле дека се работи за симптом на добро ментално здравје. Некои ентузијасти би рекле дека се работи и за публицистика (она де, кога не може читателот да разбере што авторот зборува и пишува?). Добро, секоја чест на психолозите и публицистите, а ние да се вратиме на „хартиском задатку“.
После кошмарниот пораз на СДСМ на парламентарните избори, Венко Филипче, новиот претседател на социјалдемократите за брзо време – некои шест месеци – се обиде и’ собра тоа што можеше да се собере за опозиционо делување.
Од синоќешниот партиски конгрес, видовме и некои нови лица, поточно видовме само едно ново и познато лице, а тоа е Фани Каранфилова Пановска, бившата шефица на „Отворено општество – Македонија“, или она што кај нас популарно (и озогласено) се нарекува „Сорош“. Попатно, разбравме дека има нови 113 делегати кои ќе го сочинуваат Централниот одбор, а овој, пак, треба да го конституира новиот Извршен одбор (во следните денови?). И тоа би било се’ околу техничко-пропратните-детаљи за едно ново и реформирано партиско-политичко делување.
До тука е сосема во ред и легитимно, би рекол. Тоа е работа на партиите, нема тука многу што да се (психо)филозофира. Ама мене нешто друго ме интересира, а тоа би го поделил на два дела.
Едниот дел е профилот на новата потпретседателка на СДСМ, а другиот дел е привлекување на членство (или враќање на разочараните?) на една мејнстрим партија која пред само некој месец опасно се разлупа на парламентарните избори.
Да одиме со Фани К. Пановска, новата потпретседателка на социјалдемократите.
Госпоѓата Фани K. Пановска ја познавам лично, таква е мојата судбина – или такви се нашите судбини? – или не’ гонеа заедно или не’ гонеа одвоено во едно лудо и груевистичко време: таа беше моја „шефица“, а јас бев „шеф“ на локална невладина организација. Toa време, сосема природно, го покрија белите снегови.
Госпоѓата Фани во моето сеќавање беше секогаш достоинствена, силна и храбра жена кога беше најтешко. Не’ поддржуваше во борбата за повеќе слобода и повеќе човекови права. А тие што знаат нешто за слободата и човековите права, знаат дека тоа е прилично тешка и стресна работа. Откако помогна во низа од години – и беше важна личност за пад на режимот на Груевски – госпоѓата Фани се изгуби од мојот видокруг, или она што се нарекува „јавен живот“, за вечерва, на мое огромно задоволство, да ја видам повторно во првите борбени редови – и тоа како потпретседателка на СДСМ!
Знам и’ верувам дека ќе продолжи по истиот пат, само што овој пат ќе биде многу потежок и понепријатен од претходниот нејзин ангажман. Бидејќи СДСМ е голема и „тешка“ партија, знаејќи ја нејзината бурна политичка историја. Ама тоа што е тешко, не значи дека е и лошо. Како што не е лесно да се гради отворено општество во кое се почитуваат човековите права, а залагање за инситуции кои се силни, отворени и транспарентни никогаш не било потешко, ако знаеме дека тврдата и десна ВМРО-ДПМНЕ присобра 2/3 собраниски „фиќфириќи“.
А и не само тоа, Фани припаѓа на онаа сорта на луѓе која поддржува и прифаќа критичка мисла. А тоа не се мали работи во нашето навидум „европско земјиче“. Како што не беше мала работа нејзината посветеност на мултикултурализмите во кои граѓаните од сите конфесии ќе бидат важен двигател за некои идни промени. Ова, во кратки црти, е нејзината база, а што ќе биде нејзината надградба, да се изразам „марксистички“, ќе видиме во деновите кои следат.
И’ се радувам искрено што Фани е тука. Се радувам што ќе помага со своето искуство и знање. А како ќе ја извршува својата работа како втор човек на претседателот Венко Филипче и СДСМ? Можам уште сега да кажам дека во Фани верувам, знаејќи го нејзиниот претходен ангажман & потенцијал. Да и’ дадеме на жената шанса која итекако ја заслужува.
Втората работа за која сакам да зборувам е малку и „опасна“, чекајте, ќе го преформулирам прашањето: има и мора да има живот за СДСМ и во опозиција? Тоа значи дека – барем од бројот на новите делагати, а и ако добро сум разбрал – и нов Извршен одбор – СДСМ мора да гради политики на запознавање (очигледно дека тамо врие од луѓе кои не се познаваат доволно меѓу себе), учење едни од други, секојдневно градење на политички аргументи. За тоа треба време, за тоа треба сила и политичка енергија.
А тој луксуз Филипче и СДСМ го немаат, затоа што следната година се на (с)цена локалните избори.
Попатно, големо е прашање колку и кои од новите луѓе ќе бидат кадарни за јавни политики, оти знаете, не е политика само „јас си ја сакам партијата“ или „СДСМ е моја партија“; секоја чест на таквите, ама мора нешто и’ да се понуди во јавност, мора да се градат аргументи, ставови, да се внесе нова страст, нова емоција, и најважно – да научат дека треба да се бранат помеѓу себе за световите во кои веруваат.
Од приказните „јас сум во СДСМ од 1970“, или „јас сум од почетокот на 90-тите“ и слични тотемски приказни за еден партикуларитет што доживеал очаен резултат на избори, велам, на таквите приказни може да „о’ качите мачку о реп“.
Политика нема без јавност! Кохерентност во искажување на вредностите и идеите, а за да ги форматираш во себе тие идеи, треба време, треба промислување, треба јасно детектирање на кому ти, пријателе, му се обраќаш. Во основа, кои се твоите целни групи, како капиларно ќе се организираш за да допрат твоите идеи до што поголем број на луѓе… итн.
Оти политиката има во себе капацитет: врхушката може да зборува (и пее!) едно, а базата да не се идентификува со таквото „баење“, па потоа се чудите зошто гласачкиот шешир е „празен“.
А констатацијата на Филипче дека дел од СДСМ се арогантни, држи вода. Притоа, знам и полоши работи: познавам луѓе кои се напикаа во партија само за да се „набалираат“, а денес се свртени на другата, онаа „добитна“ страна, на страна на власта, па и тамо се обидуваат повторно да „балираат“, оти ова било, да простите – политика, комшија! – така го правдаат својот беден и клиентелистички задник.
Што е тука е: денес СДСМ мора да профилира јавни кадри кои ќе се борат со страст, со срце, луѓе кои покрај тоа што ќе треба да се грижат за своите гласачи (и истите ги слушаат што имаат да им кажат!), треба да научат и помеѓу себе да се афирмираат и бранат, без тоа не само што нема партија, ами не може да има ниту политика.
Не сум среќен што денес СДСМ е на ова дереџе, затоа што не сум малициозен, и не повикував сите овие години на ваков резултат, ниту искрено му се надевав. Иако понекогаш знаев дека ваков резултат е „логичен“, а тоа што рационално го знаев, понекогаш искрено се надевав дека мојата логика ќе добие „нелогични“ резултати.
Без разлика колку луѓето во основа се рационални (или нерационални), вкупниот збир секогаш изнесува 100%. Не можете на „првите борци“ кои гребат за „нашата работа“ да им се потсмевате, да не ги браните или афирмирате, а потоа да го испружите шеширот и очекувате гласови. Од такви гласови може да добие шипак, како што впрочем и си добија.
И немој да се споредувате со Мицкоски, тој нема иста публика како што имаат социјалдемократите. Тој може на нив да им прави се’ – како што впрочем им прави се’ – и може да биде три пати полош од денес кон своето членство, а тие него повторно ќе го гласаат.
СДСМ се обраќа на оние луѓе кои се поинтелегентни, пообразовани и би требало да им се обраќа на оние луѓе кои низ деновите и месеците ќе пострадаат од „кадифениот режим“ на Мицкоски; и таквите луѓе не треба да се (из)губат. И полека и умно: јавност, терен, јавност, терен…
А, пак, оние луѓе кои планираат да се вратат, треба да бидат прифатени, а оние другите кои до вчера биле во СДСМ само затоа што СДСМ била на власт, а денес се на другата страна: (ј)ебеш такви, тие ионака имаат нови стрини, нови тетки и нови чичковци за љубење.
Пишува: Ненад Јовановиќ
Текстот е личен став на Авторот.
Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот кој е одговорен за неа, и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на Centar.mk.