14. декември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈА

Филипче: Новиот Централен одбор го сочинуваат поединци кои се почитувани во својата заедница

Во своето обраќање на денешниот Конгрес претседателот на СДСМ, Венко Филипче го претстави и побара поддршка за новиот состав на Централниот одбор.

„Сметам дека оваа листа пред се’ го одразува гласот на членовите, месните одбори и општинските организации. Некои ме криткуваат дека изборот одел многу споро, дека одамна требало да се заврши оваа работа. Но, јас добро знам зошто толку внимателно го водев овој процес. Времето беше нужно за да се изберат вистинските луѓе. Ова се луѓе кои имаат поддршка од членовите и кои може да ги обединат сите од локално ниво па нагоре. Процес кој јас го сметав за инклузивен, со многу разговори, со многу дипломатија и почитување на мислењето на секој. Само низ ваков процес верувам дека можевме да избереме луѓе од доверба на членовите кои ќе ги претставуваат нивните интереси. Новиот централен одбор го сочинуваат поединци кои се почитувани во својата заедница, кои знаат да го почитуваат членството и граѓаните и кои ќе работат во најдобар интерес на сите граѓани“ рече Филипче.

Тој додаде дека со ова се внесува нова енергија во партиските редови.

„Ги отвораме вратите за сите кои се блиски до социјалдемократски идеи и вредности. ​Моја цел е да создадеме систем во кој кадровскиот потенцијал со кој располагаме, биде распореден исклучиво по својата стручност и компетентност, а не заради блискоста и личните релации со партиското раководство. Принципот е секој да биде искористен таму каде може максимално да придонесе за исполнување на целите на СДСМ“ порача Филипче, додавајќи дека пратениците по функција ќе бидат дел од ЦО.