14. декември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈА

Филипче: Скопје  e во хаос, бараме итна седница за спас на градот

Скопје се соочува со најтешката криза во последните години, предупредуваат од СДСМ. Претседателот на партијата, Венко Филипче, изрази длабока загриженост за состојбата во градот, кој се соочува со неработење на јавниот превоз, натрупани сметишта на секој чекор и целосна нефункционалност на градските услуги.

„Градот реално се наоѓа во криза и побарав од советничката група на СДСМ да иницира итна седница на Советот на Град Скопје. Ги повикувам сите советници, без разлика на партиската припадност, да застанат зад ова барање и да се одржи оваа седница во најкус рок,“ изјави Филипче.

СДСМ ќе предложи конкретни мерки за надминување на кризата и враќање на функционалноста на градските служби. Филипче нагласува дека е неопходно обединување на сите политички субјекти во Советот за доброто на граѓаните.

„Ќе предложиме конкретни мерки кои верувам дека заеднички ќе ги поддржат сите советници и конечно да им се излезе во пресрет на граѓаните. Потребно е обединување заради интересите на скопјани,“ додаде тој.

Претседателот на СДСМ предупредува дека, доколку и овој обид биде опструиран, партијата ќе го преиспита своето учество во Советот. „Нема да бидеме параван за лошите политики што го уништуваат нашиот град,“ истакна Филипче.

СДСМ повикува на итна акција и одговорност од сите политички субјекти, нагласувајќи дека граѓаните на Скопје не смеат да трпат поради неспособноста на актуелната градска власт.