Centar.mk
-МАКЕДОНИЈА

Стојкова Серафимовска: Младите и младинскиот стандард во фокусот на политиките на ВМРО-ДПМНЕ, за тоа сведочат и трите нови мерки

Велика Стојкова Серафимовска, пратеничка од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, на денешната собраниска седница посветена на пратенички прашања, постави три прашања кои ги упати до претседателот на Владата, Христијан Мицкоски.

Првото прашање на Стојкова Серафимовска се однесуваше на најновите мерки кои ги најави премиерот Мицкоски, а кои ги таргетираат младите, и кои се однесуваат на низата поволности односно олеснувања во обезбедувањето на сопствен дом на млади брачни парови до 35 години, како и најновата мерка која се однесува на подобрување на студентскиот стандард преку воведување на т.н. студентска картичка која ќе нуди низа привилегии за студентите, а чие користење ќе биде овозможено преку апликацијата М-услуги.

„Дали може да кажете, да наведете јасно, кои се овие нови мерки и дали може поконкретно да објасните кои се нивните придобивки и како ќе се одвива динамиката за нивната реализација?“, праша Стојкова Серафимовска.

Стојкова Серафимовска, дополнително, потсети и на мерките претходно воведени од страна на Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, кои се во насока на подобрување на младинскиот стандард, притоа посочувајќи дел од нив: „мерките за вработување и самовработување односно определување на грантови за самовработување на млади до 29 години, формализирање на повремена и сезонска работа, гаранција за млади, валидирање на знаења и вештини стекнати надвор од формалното образование, ваучери за електронски уреди за студентите што исто така се покажа како одлична мерка, во меѓувреме се реконструираат и студентските домови, се продолжува со изградбата на објектите на ФИНКИ и ФФК, се подобрува електронското аплицирање за стипендии и студентски права, се воведоа и стипендии за студенти со попреченост и ретки болест“.

Второто прашање на Стојкова Серафимовска исто беше адресирано до премиерот Мицкоски, а во врска со неговото вчерашно присуство на Самитот на ЕУ посветен на државите од Западен Балкан, во Брисел, како и за резултатите од остварениот работен состанок кој го имаше премиерот Мицкоски со претседателот на Европскиот Совет, Антонио Кошта, претседателката на Европската Комисија, Урсула фон дер Лајен и Комесарката за проширување, Марта Кос.

„Вие ги држите цврсто идентитетските прашања, ставот е непроменлив и така треба да биде, но истовремено ги отворате се повеќе и повеќе вратите на Македонија кон ЕУ“, рече Стојкова Серафимовска и додаде:

„Моето прашање кон вас, а верувам дека тоа ќе ја интересира и македонската јавност, да дадете поконкретни, подетални информации за вашата средба и за резултатите од истата?“.

Третото прашање кое го упати Стојкова Серафимовска до премиерот Мицкоски, се однесуваше на животниот стандард на граѓаните во Македонија, во услови на, како што вели таа, глобална неизвесност и криза, односно на тоа како ќе се задржи фискалната дисциплина, а истовремено да се продолжи и со инвестициите, и со поддршка на граѓаните и со економскиот развој на државата.

„Најавивте дека оваа година ќе ја завршиме со раст на БДП помеѓу 3,5% и 4% што покажува голема посветеност на оваа Влада предводена од вас за надминување на проблемите со коишто не се соочува само Македонија и регионот, туку и целиот свет. Најавивте исто така дека и во вториот квартал има исклучително силна економска активност во Македонија и дека споредено, во регионот сме навистина повторно убедливи лидери“, рече Стојкова Серафимовска и праша:

„Во услови на вакви глобални економски предизвици, инфлациски притисоци и неизвесност на меѓународните пазари пред сè, вие предлагате буџет со проектиран економски раст и намалување на буџетскиот дефицит, како ќе успеете да ја задржите фискалната дисциплина, а истовремено да продолжите со инвестициите, поддршката на граѓаните и економскиот развој?“.

фото ВМРО ДПМНЕ

Можеби ќе ве интересира

Мицкоски: Во декември два закона за полесно домување на младите брачни парови

ДЕСК

Мицкоски: Македонија добива дополнителни средства од ЕУ за Планот за раст и први го завршивме техничкиот дел за „Роам ет хоум“

ДЕСК

УЖАС ВО СКОПЈЕ: Малолетник имал полови односи со возрасни лица во стан, полицијата истражува

ДЕСК