15. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈА

Реакција на филмските работници: Четири месеци речиси и да нема снимања, буџетот за филм за 2025 е помал од оној за 2024 година

Друштвото на филмските работници во Македонија преку отворено писмо до министерот за култура алармира за состојбите во македонската кинематографија.

Според нив, веќе четири месеци исклучително лошо е функционирањето на Агенцијата за филм.

„Во момент кога сме длабоко навлезени во четвртиот месец од мандатот на в.д директорката на Агенцијата за филм, период во кој снимања речиси и да нема, не е потпишан ниту еден договор за финансирање на веќе одобрени проекти, не е прегледан ниту еден извештај за наменско трошење на средства, исплатите кон тековни и веќе реализирани проекти се стопирани и во кој годинешниот конкурс за производство на филмови е поништен, радоста исчезна, а одржувањето на надежта стана невозможно. Македонските продуценти секојднево се соочуваат со притисоци и закани за меѓународни тужби и откажување на соработки, а нашата држава престанува да биде дел од европското филмско семејство. Загрозено е и нашето членство во значајни регионални, европски и светски организации и асоцијации“ се вели во писмото.

Понатаму, филмските работници изразуваат незадоволство и разочарување од износот на предвидениот буџет за филм за следната, 2025 година.

„Во време кога филмските професионалци се во немилост и страдаат за елементарна егзистенција, а филмските продукции бараат алтернативни начини да опстанат, дојде и информацијата дека во предложениот буџет за 2025та година, ставката за филм изнесува само 2.4 милиони евра, бројка која е пониска и од основниот буџет за 2024 година. Оваа вест, секој еден филмаџија ја дочекува во шок и неверување. Во изминатите неколку години ДФРМ многупати јавно укажуваше дека е потребно стандардизирање на буџетот за филм по претходно утврдени параметри, а особено во текот на 2023 година во неколку наврати алармираше дека проектираниот буџет од страна на Министерството за култура за филмската дејност за 2024 година, не е доволен за елеметарно да се покријат потребите на нашата кинематографија. Денес повторно јавно укажуваме дека предложениот буџет за филм за 2025 година не е доволен за елементарно да се покријат потребите на нашата кинематографија. Затоа бараме од Владата, од Министерството за култура и Министерството за финансии ревидирање на овој предлог и проектирање на реален буџет за филм. Воедно, како филмски автори и филмски професионалци за кои работата на филм значи се, ја истакнуваме неопходноста за кадровска консолидација во Агенцијата за филм“ пишуваат од ДФРМ и изразуваат надеж дека нивните апели ќе наидат на реакција од надлежните институции.