Во организација на Американската стопанска комора во Северна Македонија (АмЧам) денеска во Скопје се одржа втората годишна конференција за дигитализација, годинава под работен наслов „Усогласување на бизнисите и владата за безбедна дигитална иднина“ (Business and Government: Aligning for a Secure Digital Future).
Конференцијата на едно место го собра бизнис-секторот, владини претставници и меѓународни експерти со заедничка цел – создавање на дигитална иднина која промовира економски раст и обезбедува дигитална сигурност. Со учество на над 20 говорници и панелисти, настанот беше вистинска платформа за размена на идеи и практики за ефикасно и безбедно дигитализирање на јавните услуги, со силен акцент на клучните улоги на бизнисот и владата во овој процес.
Во своите поздравни обраќања, министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски, H.Е. Никол Варнс, заменик амбасадор на САД во Северна Македонија и Иван Новаковски, потпретседател на Бордот на директори на АмЧам, ги нагласија заедничките напори за безбедна и одржлива дигитална трансформација, како клученпредуслов за економски напредок и поголема конкурентност на земјата на глобално ниво.
Главниот говорник на конференцијата Трој Стовал, генерален извршен директор на компанија TEDCO од Мериленд, САД, зборуваше на тема: „Управување со иднината: Дигитална трансформација за економски раст”. Гостинот сподели вредни сознанија за тоа како проактивното владеење може да стимулира економски раст, да создаде работни места и да поттикне просперитетно дигитално општество. Притоа, тој го посочи претприемништвото, односно примената на иновациите на пазарот, како основа и двигател на дигиталната трансформација. Во контекст на македонскиот пазар, тој укажа на можностите што ги нуди синергијата на различните сектори, споменувајќи ја комбинацијата на сајбер технологиите со земјоделството како голем потенцијал за државата.
Серијата дискусии на конференцијата отпочна со тркалезна маса со водечки претставници на бизнис заедницата, кои што ги изложија своите приоритетни потреби и барања во однос на државните напори за дигитална трансформација. Дискусијата беше модерирана од Мери Кучера Илиевска, претседателка на Комитетот за дигитална трансформација при АмЧам, а своите видувања на темата ги понудија Константинос Николау од TITAN Цементарница Усје, Андреј Петрески од Cisco, Далибор Фртунок од Sorsix и Магда Јану од Palo Alto Networks.
Панелот „Ефикасни и услужно-ориентирани јавни е-услуги“ ја отвори дискусијата за потребата од проширување и подобрување на јавните дигитални услуги, како за граѓаните, така и за компаниите. Разговорот го водеше Благој Христов, а негови соговорници беа Мирослав Гроздановски од Министерството за дигитална трансформација, Мари-Мадлен Канелопулу од Делегацијата на ЕУ во Северна Македонија, Искра Белчева Ристовска од Центарот за управување со промени и Сашо Јаковчевски од Државниот завод за ревизија.
Првиот дел од конференцијата беше комплетиран со презентацијата „Трансформативни алатки: Ако е поврзано, тогаш е заштитено“ на Александар Павловиќ од CISCO, кој што ја нагласи важноста на силната сајбер безбедност во дигиталната трансформација. Тој посочи дека меѓусебно поврзаните дигитални системи имаат суштинска потреба од силна заштита со цел одржување на деловната безбедност, отпорноста од напади и јакнењето на довербата кај корисниците.
По кратката пауза за вмрежување следуваше дијалог помеѓу Борис Копривникар, извршен директор на Singular Consulting од Словенија и Филомена Пљаковска Аспровска член на Комитетот за дигитална трансформација при АмЧам. Гостинот сподели позитивни примери и најдобри практики за тоа како ефективните регулативни рамки можат да доведат до дигитална средина која носи придобивки за бизнисите, институциите и граѓаните.
Новите стратегии за сајбер безбедност беа тема на дијалог помеѓу Ева Сњечовска и Маја Блажетиќ од Palo Alto Networks, кои што ја нагласија важноста на проактивните мерки и соработката со цел подобрување на безбедносните резултати во насока на превенцијата, детекцијата и реакцијата кон сајбер нападите.
Последниот панел на конференцијата, насловен „Ниту еден бизнис нема да биде оставен сам“, се осврна на актуелната и потребна поддршка за дигитализација на компаниите, особено оние со мал и среден обем. Дискусијата ја водеше Елена Бундалеска, а нејзини соговорници беа Гоце Пешевод USAID, Димитар Јаневски од Inbox и Ана Тасевска од Procredit Bank. Посебен акцент беше ставен на практичните решенија и најдобрите практики, како воведувањето на електронско фактурирање и фискализација во реално време, кои што носат придобивки за бизнисите, државниот буџет и воопшто за глобалната трговска интеграција на компаниите.
Одржувањето на овој настан уште еднаш ја потврди посветеноста на АмЧам Северна Македонија во зајакнување на соработката меѓу јавниот и приватниот сектор восоздавањето на инклузивна и одржлива дигитална иднина која придонесува кон долгорочен економски напредок на државата, подобрување на јавните услуги и создавањето на нови можности за сите.