8. декември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈА

Филипче: Со Буџетот за 2025 Владата го прекршува Законот за буџетите

Со буџетот за 2025 година, Владата ги прекршува законите, порача пратеникот и лидер на СДСМ Венко Филипче на денешната седница на Комисијата за финансирање и буџет.

„Уште од самиот почеток, оваа Влада прекршува закони. Буџетскиот дефицит е поставен на 4% од БДП, што директно го нарушува Законот за буџетите. Од буџетот се гледа дека фискалната политика нема компас: Македонија е единствена земја во регионот која не планира фискална консолидација. Сите други земји од Западниот Балкан уште во 2024 година, буџетскиот дефицит го сведоа под 3% од БДП. Јавниот долг веќе годинава силно ќе ја помине границата од 60%. Со еден збор ова е фискална политика за уништување на финансиската стабилност на земјата“ порача Филипче.

Според него, Буџетот е неразвоен а како доказ за тоа го издвои моменти дека Владата предвидува зголемување на непродуктивните трошоци, во истиот момент кога ги кратат капиталните расходи во клучни сектори како образование и здравство.

„Како може Владата да тврди дека се грижи за граѓаните кога троши на стоки и договорни услуги, наместо на образованието и здравството, кои се витални за квалитетен живот на граѓаните? Зошто стоките и услугите се поважни од здравјето на граѓаните, од образованието на младите? Одговорноста кон народот налага да се даде приоритет на овие сектори, а не да се фрлаат пари на непотребни трошоци.
Еве да одговори министерката: Зошто се зголемува буџетот за плати во Влада од 383 милиони денари во 2024 на 591 милиони денари во 2025? Ќе се вработуваат нови луѓе? Сакате партиските активисти да ги сместите? Тоа е речиси двојно зголемување. Или зошто за една третина се зголемува трошокот за плати во СОЗР, од 207 милиони денари во 2024 на 300 милиони денари во 2025? Исто е во Министерството за правда од 122 милиони денари во 2024 на 153 милиони денари во 2025? Исто е во Министерството за земјоделство, трошок за плати од 648 милиони денари во 2024 на 766 милиони денари во 2025? Во Во министерството за транспорт и врски, зголемување на масата на плати од 167 на 247 милиони денари и стоките и услугите од 71 на 115. Што е планот?“ праша Филипче.