22. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СТАВ

Парламентарен ‘бучкуруш’ на едно неславно пропаѓање

Пишува Ненад Јовановиќ,

Ретко гледам Собраниски канал, ама вчера ја погледав собраниската седница, на чиј дневен ред беа пратеничките прашања наменети за премиерот Мицкоски и неговите министри. Понатаму, во текстуалниот „дисклејмер“, ќе се обидам да опишам (и промислам?) што е она кое го видов, како од опозицијата, така и од првиот човек во земјава.

Ајде да започнеме со првите работи најпрво. Аха, значи онака изгледа Собраниската сала во која овој пат мнозинството го презеде партијата на ВМРО-ДПМНЕ и нивниот лидер Мицкоски. Аха, значи онака изгледаа прашањата наменети за пратеничкото мнозинство. Добро, ја погледав и опозиционата СДСМ на лидерот Филипче и Левица на Апасиев. И, какви се моите впечатоци за овој петочен коментар?

Откако ВМРО-ДПМНЕ го презеде мнозинството, Собранието (од денешна перспектива) изгледа застрашувачки бројно (но не и реторички силно!): џилитењето, надмудрувањето и суетењето изгледаше „моронски“ (иако и за тоа може да зборуваме до кој степен изгледаше така!), притоа, денес, Републичкото Собрание не е јасно што е, како што не е јасно дали оваа територија е држава; Собранието ми делуваше како митинг во организација на „Владата и нејзините парламентарни партии“.

Цела земја беше ставена „на изволте“ за тој настан. Се’ некако изгледаше бесплатно во земјата на Македонците и останатите малцинства. Можеби следниот пат ќе одам и јас да присуствувам, без право на збор (?), само да гледам од лице место, сигурен сум дека ќе ме пуштат внатре, можеби некој ќе ми даде бесплатна боза и баклава. Ако најдам, пак, некој да ме однесе со автомобил до Скопје, можеби ќе ми дадат и бесплатен паркинг околу Собрание?

Денешната година не е 2017, ами е 2024. Овие што „името не го даваа“ и го бранеа „народот од хунтата социјалдемократска“, денес, по се’ изгледа, нивниот напор бил страшно бесмислен, глупаво одигран, ама нема врска, ним важен им беше резултатот, важен им беше бројот!

Начинот на кој, пак, премиерот аргументираше, начинот на кој се закануваше од Собраниска говорница, ме потсети на времето на Груевски, а богами потсетуваше и’ на времето на Слободан Милошевиќ – ако се’ уште некој на него се сеќава – како ‘ќе апси’, ама немојте да се грижите, духот на Никола и Слободан е жив што пожив не може да биде. Дури се размножува и населува во многу душички во оваа земја, вклучително и на оние кои се наоѓаат на Високи позиции.

Уште велам, се’ уште не е започнат тој „пашиќевски“ и „голем народен одсјај“ на апсење, не се знае ништо околу тоа колку душички ќе присуствуваат пред Собрание чисто колку да ја искажат својата душевна ранетост, па веројатно е време да се постави и понекое прашање. Најпрво, ајде вака да речам.

Што сака Мицкоски да каже кога се заканува од Собраниска говорница до министерот Тошковски како овој треба да апси? Кои се критериумите за апсење? Кој одредува „кого“ и „кога“ треба да се апси? Премиерот кажува, или за тоа кажува Обвинителството? Или, пак, за апсење кажува „народот“? И кој „народ“, по ѓаволите со нас?

Оние нафаќани (или „наватани“?) партиски гласачи на ВМРО-ДПМНЕ е „целиот народ“? Оние кутри душички уценети на милион начини е целиот Македонски народ? И која е разликата на глупавоста во поразот пред помала публика од глупавоста на поразот пред поголема публика? Или можеби откако Мицкоски денес седна на првата столица во државата, имплицира дека size don’t matter!?

До вчера го плукаа Преспанскиот договор, денес го нарекуваат брилијантно дело на дипломатијата. Како е возможно тоа? Добро, јас сега се правам мутав, а длабоко во себе знам дека тие луѓе не се гадливи на ништо, уште помалку се гадливи на зборовите кои во минатото ги зборуваа.

Попатно и историски гледано, ВМРО-ДПМНЕ во ништо важно не’ учествуваше во оваа земја, никогаш и никаде. Ниту кога се носеше Уставот, ниту кога се донесе Охридскиот договор, не’ учествуваше ниту кога влеговме во Обединетите нации, не’ учествуваше ниту кога се реши спорот со Грците, не’ учествуваше ниту кога влеговме во НАТО…

ВМРО-ДПМНЕ не’ учествуваше во ништо важно во оваа земја. Се’ добро што се направи за граѓаните, го направија „комуњарите“. Затоа и’ денес го претставуваат СДСМ толку многу „омразен“, што, од друга страна, таа стигма која им е наметната не е реална; без разлика што нивните пропагандни перјаници инсистираат на тоа. Многу повеќе би рекол дека се необединети денес, отколку што се „омразени“ помеѓу „народот“.

Од друга страна, Венко Филипче делува ефикасно, делува надмоќно над првиот човек во Владата. Не во ресурси, ами во аргументации. Зборот е оружје, зборот е моќ. Филипче тоа многу добро го знае. Неговата реторика и аргументи делуваат пристојно и на место. Неговиот начин на искажаниот збор ми вели дека се бори за пристојно општество.

Дали Филипче ќе успее, бодријаровски речено, можеби засега тоа е невозможно, односно невозможно е ако не би имал во себе содржина, ама гледаме дека ја има; Филипче има и смисла, и содржина и разум, што сепак е некоја почетна точка на отпор од наездата на таа толпа која е тука само да дискредитира и дефамира, небаре неговите противници се производ на некои од лабароториите на УДБА. Оти само УДБА знаеше – во времето на Груевски и Милошевиќ – кој од опозиционите ведети колку има пари, што сака надвор од политика, со кого се дружи, на што се надева и што сонува.

И сега се поставува уште едно прашање: за што оваа влада ни служи, а притоа и не работи? И кого спремаат за бис? Што е следно: можеби уште само „Молитва“ до Господа? Владините пејачи се тука, веројатно за да помогнат со – ајде рачињата горе, не ни може никој ништо – а и зошто некој би им можел нешто, кога ионака се’ сами си направивме, и уште упорно се доутепуваме, и така, еве, веќе 30 години со овие и вакви „вмроовци“.

А имаме и „акционен план“ за следните 20 години: генијален во својата бизарност. Да пропаднеме така силно, ама споро, мачно, неславно и без стил. Да пропаднеме тектонски јако во нашата глупавост и безумност.

 

Пишува: Ненад Јовановиќ

Текстот е личен став на Авторот.

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот кој е одговорен за неа, и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на Centar.mk.