22. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
ПРОМОБИЗНИС

Економскиот факултет при УКИМ и ИСОС склучија Меморандум за деловно-техничка соработка

Искористување на научните, стручните и професионалните капацитети на двете институции, во функција на создавање високостручен кадар од областа на сметководството и останатите економски науки е главната цел што треба да се постигне со Меморандумот за деловно-техничка соработка помеѓу Економскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје и Институтот за сметководители и овластени сметководители (ИСОС), што го потпишаа деканот на факултетот, проф. д-р Предраг Трпевски и претседателката на ИСОС, Весна Прентоска.

Потпишаниот Меморандум ја поставува рамката на идната соработка помеѓу двете институции на полето на образованието, обуката и континуираното професионално усовршување, во низа области од економската наука, вклучително и во сметководството.

„Преку ова партнерство со единствениот Институт кој ја претставува целокупната сметководствена професија и во кој членуваат сите сегашни и идни професионални сметководители во земјата, нашиот факултет ги става на располагање сите свои образовни и научни капацитети и целокупното акумулирано знаење во областа на економските науки. Истовремено со него добиваме партнер кој на ефикасен начин може да им пренесе на нашите студенти квалитетни искуства и практично знаење од областа на финансиското известување. Ваквиот начин и модел на соработка помеѓу двете институции со сигурност ќе внесе нова енергија и му даде дополнителна вредност на процесот на создавање нов стручен кадар во областа на применетите економски науки, кој ќе биде подготвен да одговори на потребите и предизвиците на економскиот развој на нашата земја“, посочи деканот на Економскиот факултет при УКИМ, проф. д-р Предраг Трпевски.

Договорената соработка помеѓу Економскиот факултет и ИСОС треба да се реализира преку организирање на практична настава за студентите, учество на вработени и членови на ИСОС како експерти од праксата на предавањата на факултетот, презентирање на практични проблеми, предизвици, решенија и можности за студентите на Факултетот, организирање на заеднички стручни работилници и конференции со вклучување на научниот кадар на Факултетот како говорници и предавачи, организација на натпревари за студенти и реализација на други проекти и активности.

Изразувајќи задоволство од официјализирањето на соработката со најголемиот факултет за економски науки во земјата, претседателката на ИСОС, Весна Прентоска изјави: „Убедени сме дека оваа соработка ќе придонесе за натамошно унапредување на сметководствената професија во нашата земја и за зголемување на нејзината атрактивност, особено кај младите. Тоа е особено важно, затоа што просечната старосна структура на сметководителите во нашата земја постојано се зголемува. Преку оваа соработка, со задоволство ќе им го пренесеме на студентите на Економскиот факултет искуството и знаењето на нашите вработени и членови, а истовремено преку учеството на професорите и останатиот образовен и научен кадар од факултетот, на работилниците и конференциите кои ќе ги организираме во иднина, ќе им овозможиме на нашите членови пристап до квалитетно знаење и експертиза од сите области на економијата, вклучувајќи го сметководството“, истакна Прентоска.