30. октомври 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СВЕТ

Грузиската опозиција не ги признава изборните резултати. „Нè ограбија, ова е уставен удар“

Грузиската опозиција одбива да ги признае прелиминарните резултати од вчерашните парламентарни избори, според кои национално-конзервативната владејачка партија победи на изборите.

Лидерката на проевропската опозициска партија Обединето национално движење, Тина Бокучава, вчера вечерта ја обвини изборната комисија дека „вршела валкана работа за милијардерот Биџин Иванишвили“.

Иванишвили е основач и почесен претседател на владејачката партија Грузиски сон, која се залага за соработка со Русија и е резервирана за влез на Грузија во ЕУ.

Бокучава рече дека опозицијата во следните неколку часа ќе договори план за активности.

68-годишниот Иванишвили почна да ја слави победата на својата партија веднаш по затворањето на гласачките места.

Опозициската прозападна коалиција за промени исто така најави дека нема да ги признае резултатите.

„Изборите се украдени. Ова е уставен удар и злоупотреба на власта“, рече Ника Гварамиа на прес-конференција. Гварамиа тврди дека изборите биле наместени со помош на комплицирана технолошка шема, но не наведе детали.

Во земјава се регистрирани околу 3,5 милиони гласачи. Според прелиминарните податоци, одѕивот на гласачите бил околу 59 отсто. По пребројувањето на 70 отсто од гласачките ливчиња, Грузискиот сон, кој опозицијата го обвинува за проруски наратив, освои 53 отсто од гласовите наспроти 38,28 за блокот од четири проевропски партии, објави изборната комисија.

Брисел предупреди дека од исходот на овие избори ќе зависат шансите таа поранешна советска република на Кавказ со околу четири милиони жители да се приближи до ЕУ./Извор:Makfax