6. декември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈА

СДСМ до Владата: Прифатете го предлогот за минимална плата од 450 евра и застанете зад граѓаните

СДСМ ги повикува премиерот Мицкоски и Владата да покажат вистинска посветеност кон подобрување на животниот стандард на граѓаните и итно да го прифатат предлогот за зголемување на минималната плата на 450 евра. Оваа мерка ќе донесе значителна поддршка на работниците и ќе обезбеди социјална стабилност за илјадници семејства кои сè потешко ги покриваат основните трошоци за живот.

И покрај бројните економски предизвици со кои се соочува земјата, Владата досега не успеа да излезе со конкретни мерки за да го подобри животниот стандард на граѓаните. Нискиот приход кај огромен број граѓани, високите цени на основните производи и драстично зголемената инфлација го оптоваруваат секојдневието на најранливите категории. Според податоците, синдикалната кошничка во октомври покажува дека едно четиричлено семејство има потреба од 61.249 денари за да ги покрие основните месечни трошоци. Падот на просечната плата за 1.000 денари, откако Мицкоски стана премиер, дополнително ја влошува ситуацијата и ги остава граѓаните со сè помалку средства за да ги покријат основните потреби.

Премиерот Мицкоски често зборува за поддршка на граѓаните и за економски реформи, но фактичката состојба на теренот покажува дека недостасуваат реални мерки. Со одбивањето на зголемувањето на минималната плата, Владата покажува незаинтересираност за подобрување на животниот стандард на граѓаните, особено на најзагрозените категории, кои најмногу ги чувствуваат економските потреси. Наместо конкретни мерки, граѓаните добиваат само нејасни ветувања и „да почекаат за подобро утре“.

СДСМ потенцира дека минималната плата од 450 евра не е само политичко барање, туку реална потреба за обезбедување финансиска стабилност на граѓаните и социјален напредок на општеството. Ова зголемување ќе овозможи поголема куповна моќ на граѓаните, што директно ќе влијае и врз внатрешниот пазар и ќе донесе позитивен ефект врз економијата.

„Ги повикуваме премиерот Мицкоски и Владата конечно да покажат лидерство и одговорност кон граѓаните. Поддршката за минимална плата од 450 евра ќе донесе подобар стандард, ќе ја зголеми куповната моќ и ќе ја намали економската несигурност на илјадници семејства во Македонија. Не е време за одложувања и манипулации, туку за конкретни дела кои ќе им донесат бенефит на сите,“ стои во повикот од СДСМ.

СДСМ нагласува дека оваа мерка ќе има долгорочни позитивни ефекти и за оние кои земаат минимална плата и за вработените со просечна плата, кои исто така ќе почувствуваат раст. Одложувањето на ваква клучна одлука е само начин на продлабочување на сиромаштијата и зголемување на разочараноста кај граѓаните. Наместо да се губи време со манипулативни кампањи и празни зборови, Владата треба да ги прифати проверените економски политики на СДСМ, кои веќе покажаа позитивен ефект врз економијата и благосостојбата на граѓаните.

СДСМ останува на страната на граѓаните и ќе продолжи да бара реални мерки кои ќе овозможат сигурна и пристојна егзистенција за секое семејство во Македонија.