23. октомври 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Урсула фон дер Лајен ја почнува четиридневната посета на Западен Балкан, утре доаѓа во Скопје

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, денеска ја почна четиридневната посета на Западен Балкан, при што ќе се сретне со лидерите на Албанија, Босна и Херцеговина, Србија, Косово, Црна Гора, а во Македонија ќе пристигне утре.

Урсула фон дер Лајен ќе разговара со претседателите и премиерите на шесторката од Западен Балкан за напредокот на европскиот пат, како и за Планот за раст на Европската унија, вреден шест милијарди евра, објави Европската комисија.

Претседателката на Европската комисија посетата на регионот ќе ја започне во Тирана со разговор со премиерот на Албанија, Еди Рам, а ќе се обрати и пред студентите од кампусот на Европскиот колеџ.

Се очекува Урсула фон дер Лајен, за време на посетата во Македонија, да се сретне со премиерот Христијан Мицкоски и со претседателката Гордана Сиљановска-Давкова.

Подоцна таа ќе ја посети Јабланица, област во Босна и Херцеговина (БиХ) погодена од неодамнешните поплави.

Во петок наутро тој ќе престојува во Сараево каде ќе разговара со членовите на Претседателството на БиХ, како и со претседавачот на Советот на министри на БиХ.

Посетата на Белград е планирана за петок, каде Урсула фон дер Лајен ќе разговара со српскиот претседател Александар Вучиќ и премиерот Милош Вучевиќ.

Претседателката на Европската комисија в сабота ќе престојува во Приштина, каде ќе се сретне со претседателката Вјоса Османи и со премиерот Аљбин Курти.

Фон дер Лајен својата турнеја во регионот ќе ја заврши во Подгорица со разговори со претседателот Јаков Милатовиќ и премиерот Милојко Спајиќ./Извор:Makfax