8. декември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СТАВ

Грабнаа се’ или остана по нешто слободно и автентично?

Поредок втемелен на доминација од најлошите и најниските тешко се разрушува кога ќе фати корен. Ама, сепак, секој обид за контра на тој свет вреден е внимание и почит. И секој чин на неприфаќање, отпор и бес, исто така е вреден за внимание и почит.

Не знам, ги немам сите детаљи, живеам на маргини и во мал град, па сакам да прашам: дали власта ги презеде сите можни институции во земјава? Ако ова е точно, а не е далеку од умот дека е погрешно, тогаш, знаете како се вели: тие што земале се’ не се ништо друго освен киднапери, а со такви нема преговори, нели?

Мачна е оваа земја, мачни се овие луѓе, како што се мачни и околностите во кои сите ние живееме. Ме нервира оваа пасивизација, испаѓање од ритам. Темите се важни и поради тоа што има различни активности позади кои демне пасивност, иако се мисли спротивно.

Отсекогаш не’ карактеризирала „инертност“ (tamas) дури и тогаш кога работиме многу, затоа што не правиме ништо од она кое треба да го правиме. Кога човек ќе се разболи, се подразбира дека оди кај својот доктор и дека докторот со адекватна терапија и лекови ќе му го врати здравјето. Штом не мора сами нешто да направиме, толку повеќе сме среќни, а најтешко е кога ќе ни „пропишат“ рецепти за да ги промениме навиките и начинот на живот.

Единствен лек за преземање на одговорност е создаден од нашата сопствена волја, а идејата на тој лек е да го направиме нашиот живот повеќе хуман и повеќе ведар. Е, ова се некои општи места за нашиот личен, идивидуален живот, што значи дека не е нешто особено различен од оној колективниот, да го наречеме „властодржавнички“.

Со речник на „работниот народ“: власта се вработи на наша сметка со безмалку 2/3 „суверенитет“ кој е потврден (бројчано) во Собранието, и тука, гледаме, не планираат ништо да менуваат. А понајмалку некаква опозиција да им одредува што е важно, а што е неважно.

Присвоија повторно се’, институции, ресурси, државни претпријатија, градови, земји, територии, географии… Присвоителите на се’ што се движи во оваа земја може терминолошки да го дефинираме уште и како киднапери. А зарем дома нашите родители не не’ учеа дека со киднапери не се преговара?

Кога бев страшно млад, мојот покен дедо ме насочи на еден француз со презиме Мелвил. Мелвил, пак, ме учеше во некои општи категоризации за општеството и природата: престапнците, криминалците, манијакалните насилници, во суштина се тупави луѓе, со ограничена памет и банални мисли, неспособни да ги артикулираат своите погледи на светот.

А, добро, море, црни Ненаде, кои погледи на светот кога претставуваат една толпа од ништо? Пред неколку години, на еден друг портал или дневен весник (не се сеќавам прецизно), пишував повторно за Жан Пјер-Мелвил, француз што снимаше феноменални криминални филмови; Мелвил велеше дека криминалците се интересни само на филмови, а во вистинскиот живот се прави шупелки.

Познавам купишта луѓе кои ништо не читаат, освен, нели, Фејсбук и коментари на пријатели кои ги следат, а ако читаат нешто, читаат само во нужна самоодбрана, особено тогаш кога директно се нападнати или кога ќе им стигне некое „извршно“ на домашна адреса.

Кога сум во друштво, секогаш давам некој предлог за филм, серија, книга… А кога немам што да кажам пред друштвенцето кое ме опкружило, најчесто молчам. Многу луѓе заради тоа ме сметаат за напорен и „тежок“, некој со кого не може да се разговара или да се „ќаска“ во оние секојдневни и тривијални „мали муабети“.

Разговорот на кој инсистирам е секогаш „политички“, уметнички, активистички, а моите соговорници најчесто (не и секогаш) таквите муабети ги сметаат за премногу „педерски“. Сите интереси за книжевноста, колумнистиката, ангажираниот текст ги паметат од „длабоките думи“ кои ги слушнале од некој „чичко Цанко“ или некоја негова прастара баба; а најчесто се информираат од телевизија низ која т’атне идиотизација на ангро.

Тоа е нивното четиво кое во деновите кои ни минат го систематизираат и надградуваат. Оти, што, во основа, претставува такавата телевизиска информација? Информација од супер-его на манијак кој се обраќа на потрошувачот и’ му продава купишта од говна. Разликата не е морална, ами техничка.

А оние горе, во власта, уживаат кога на телевизиските кутии, како во вентилатор, ќе им се фрли помија, па додека си ги бројат парите, гледаат како таа помија се расштркува на сите страни, а таквите најчесто се регрутирани од тоа надземје и подземје за кое ни зборуваше брилијантниот Мелвил.

Поредок втемелен на доминација од најлошите и најниските тешко се разрушува кога ќе фати корен. Ама, сепак, секој обид за контра на тој свет вреден е внимание и почит. И секој чин на неприфаќање, отпор и бес, исто така е вреден за внимание и почит.

Да ви дадам за крај еден пример: на интернет врие од страшно „градени“ мажи и жени; врие од голи газиња, силни торза и развиени гради (било машки, било женски); таквите луѓе, барем според мојот симболички систем на читање на феномените и појавите, ме предупрeдува дека ништо освен задниците не им останало. Секоја друга човечка супстанца исчезнала, останал замо тој задник и тоа деколте осамено да „плута“ низ интернетските пространства.

Па, дури и на оние од власта најчесто таквите ограни им служат како органи за зборување, мислење и гледање. А задник како задник, што би рекол Валканиот испектор Хари: секој го има. И не е тука да зборува, ами биологијата му доделила некоја друга намена.

Пишува: Ненад Јовановиќ

Текстот е личен став на Авторот.

Ставовите на авторот во рубриката Дијалог нужно не ги изразуваат уредувачките политики на порталот.