Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
вестМАКЕДОНИЈА

Честитка од претседателката Сиљановска Давкова по повод 11 Октомври – Денот на народното востание

Претседателката Гордана Сиљановска Давкова упати честитка до граѓаните по повод 11 Октомври – Денот на народното востание.

Почитувани граѓани,

На денешен ден со гордост и чест им оддаваме заслужена почит на македонските партизани кои во 1941 година се кренаа на востание и ја започнаа народноослободителната борба.

11 Октомври е меѓникот што ја одреди нашата сегашност и иднина, денот кога ние храбро и одлучно се вклучивме во антифашистичката коалиција на слободољубиви и правдољубиви народи, со што ја избравме вистинската страна во најголемата војна во историјата на човештвото, цврсто решени да ги победиме окупаторите и да се избориме за слободна национална држава.

Благодарни на хероите за нивната натчовечка жртва, имаме одговорност кон нив, но и кон нашите деца и внуци да продолжиме да ја градиме македонската држава согласно идеалите што ни ги оставија во аманет, оти чувањето на татковината е важно колку и чинот на нејзиното ослободување.

Секоја генерација се соочува со нови предизвици. Изминативе 33 години ние се боревме за признавање на независноста и добивање заслужено место во европското семејство и во меѓународните организации, за зачувување на мирот и градење демократија.

Борбата за нашите правдини, но и за правна држава, продолжува.

Да ве потсетам: нашите предци се сплотија и заедно го постигнаа она што не можеа да го остварат засебно – слободна македонска држава.

Ве повикувам да ги надминеме меѓусебните делби и да се обединиме во заедничката борба за просперитетна европска држава и за праведно македонско општество.

Нека ни е честит 11 Октомври – Денот на Народното востание!

Гордана Сиљановска Давкова

Можеби ќе ве интересира

Трагичен крај на потрагата: Пронајдено било телото на 16 годишното девојче кое исчезна во Вардар

ДЕСК

Каква е состојбата на патиштата вечерва?

ДЕСК

МВР демантира написи поврзани со измените на Законот на полиција во кои се тврди дека полицаец осуден за кривични дела нема да се отстрани од работа

ДЕСК