Обраќање на Лимани, министер за труд и социјална политика
Отчетноста и транспарентноста се одлики на добра управувачка практика и владеење на демократијата во една земја. Тоа значи јасно и отворено информирање на граѓаните за сработеното, за она што е во тек и плановите на среден и долг рок.
Како Влада и ресорни министерства, ја имаме одговорноста од носењето на одлуките до нивната реализација. Затоа што вие, граѓаните, ни ја дадовте вашата доверба, која ние носителите на државни функции треба да ја оправдаме.
Како министер за социјална политика, демографија и млади, денеска ќе ја исполнам мојата должност да дадам отчет за 100 дена Влада, во областите кои се во надлежност на министерството кое го предводам.
100 дена Влада, значеа 100% посветеност. Затекнавме закочени проекти, недостаток односно неиспланирани средства за тековни плаќања, незадоволни и демотивирани вработени во институциите, но пред се разочарани граѓани од целокупната состојба во државата.
Од првиот ден почнавме со анализа на состојбата и огромна посветеност во изнаоѓањето на решенија за предизвиците со кои се соочивме. За овие 100 дена, можеби не направивме многу, но направивме значајни чекори кои го олеснуваат понатамошниот живот на граѓаните.
Се обврзавме дека ќе работиме исклучиво и само во интерес на граѓаните и тоа го правиме.
Првото нешто кое го реализиравме, а од кое имаат бенефит голем број на граѓани е насочено кон нашата највозрасна категорија на граѓани, а тие се пензионерите.
Ветивме и исполнивме. Околу 340.000 пензионери на 1 октомври добија за 2500 денари повисоки пензии. На 1 Април , со мартовската пензија тие ќе добијат уште 2500 денари, согласно измените на Законот за пензиско и инвалидско осигурување, која гарантира 5000 денари повисоки пензии за секој пензионер.
Општините најдобро ги знаат потребите на своите жители. Затоа добрата соработка со нив е од клучно значење и во интерес на граѓаните.
Владата обезбеди 250 милиони евра за капитални инвестиции за општините. Пристигнати се 357 проекти од околу 80 општини. Дел од нив се и за Детски Градинки и центри од областа на социјалната заштита.
Во изминативе 100 дена поставивме камен темелник на две нови детски градинки и тоа во Општина Бутел, во вредност од 100 милиони денари и во Општина Гази Баба, населено место Трубарево во вредност од 19 милиони денари.
Започнавме со градежни активности за доградба на објектот „Изворче” при градинката “Срничка”, Општина Аеродром, инвестиција вредна за 120 милиони денари.
Исто така пуштена во употреба е доградбата на Градинката „Гоце Делчев“ во Општина Илинден.
За овие 100 дена завршени се и градинките во населените места Јегуновце, Теарце, Тетово, Липково и Шуто Оризари.
Во последна, завршна фаза се и градинките во Општина Чаир, Прилеп, Битола и Св.Николе – с.Ерџелија.
Градежните работи течат во уште 13 Детски Градинки.
Покрај инвестициите во Детски Градинки, инвестираме и во центри за лица со попреченост, како и домови и центри за највозрасните лица.
Започнато е со изградба на Дневен центар за лица со телесна или ментална попреченост во Општина Кавадарци, проект вреден над 40 милиони денари, а тече и процесот на реконструкција и адаптација на крило во „Дом за стари лица д-р Иван Влашки, во Берово, во вредност од 11 милиони денари.
Започнавме постапки за нови четири објекти и во тек е комплетирање на документација и склучување на договор за изведба.
Два од нив се за вон семејна заштита на повозрасни лица во Крива Паланка и Кавадарци, и два за лица со попреченост во Боговиње и Македонски Брод.
Како што можете да видите, опфатени се сите делови на земјата, се инвестира онаму каде што општините изразиле интерес за потребите на своите жители.
Важно е да напоменеме дека тука нема да застанеме, планираме зголемување на бројот на центри за социјална работа, за лица со попреченост, за повозрасни лица, за рехабилитација од различни зависности и прифатилишта.
Во завршна фаза е реконструкцијата на Заводот за рехабилитација на деца и младинци – Скопје, Топанско Поле. Истиот се трансформира во Ресурсен центар за социјални услуги. Проект на ИПА 2, Програма за инклузија во вредност од 1.6 мил. евра.
Во изминативе 100 дена, склучени се нови 10 договори со општини и лиценцирани даватели на социјални услуги односно услуги во домот и услуги во заедницата. Министерството обезбедува средства за услугите по завршувањето на финансиската поддршка со грантот од Светска Банка.
Во рамките на Јавни Установи за згрижување на деца со воспитно социјални проблеми и нарушено поведение со финансиска помош од Светска банка и Европската унија направен е предлог проект за реконструкција за дел од установата за отворање на Советувалиштен центар за деца во ризик.
Активно работевме на Измените на Законот за детска заштита, кој е во завршна фаза и претставува унапредување во процесот на доделување ЛИЦЕНЦИ за негователи и воспитувачи, процес кој бил намерно блокиран за околу една и пол година. Со овие измени ќе се отвори процесот на вработување во градинките и тоа за над 800 лица негователи, воспитувачи, стручни работници и соработници.
Одобрена од Европска Комисија е ИПА 3 Оперативна Програма „Човечки капитал“, каде влегуваат „Гаранција за Млади“, вработувања на ранливи категории, социјално претприемништво, социјален дијалог, социјални услуги, социјално домување. Грант од ЕУ вреден 40 мил. евра.
Почитувани присутни,
Можеби 100 дена не се многу за да им покажеме на граѓаните дека сме сериозно посветени на исполнување на нашите ветувања и заложби. Но, за овие 100 дена направивме значајни промени кои го подобрија квалитетот на живот на граѓаните.
Ова е само почеток, граѓаните заслужуваат многу повеќе. Затоа периодот пред нас, посветено ќе работиме на демографскиот развој и политиките за младите.
Планот за демографија предвидува мерки за поттикнување на наталитетот и поддршка за секое новородено дете и неговите родители, односно зголемување на еднократната финансиска поддршка за прво и второ дете како и еднократна финансиска помош за третородено дете и повеќе.
Ќе воведеме финансиска поддршка за мајките кои се вратени по завршување на породилното отсуство, Ин витро постапка со можност секоја жена да добие до 6 бесплатни оплодувања, Дом за млади – купи куќа за младите, поддршка на фирмите кои ќе вработат мајки на три или повеќе деца и Програма „Добродојдовте дома“ за поддршка на лицата кои ќе се вратат од странство и стимулирање на останувањето во државата, односно спречување на одливот на мозоци.
Грижата за младите ја потврдуваме со поставување на неколку стратешки цели. Зголемено Младинско учество во носење на одлуки на локално и централно ниво, Младинска работа преку подготовка и Донесување на Закон за младинска работа и зголемување на бројот на отворени сервиси за млади во општините, поддршка на млади талентирани лица, поддршка на младите во дeлот на нивното вработување, и на ангажман во насока на целосно спроведување на Законот за младинско учество и младински политики.
Да ги задржиме младите дома, да ги поддржиме семејствата, да обезбедиме достојна старост за највозрасните сограѓани и да обезбедиме поддршка за ранливите, за помошта да пристигне онаму, каде што вистински е потребна.
Продолжуваме 100 % посветени за сите граѓани!
Благодарам!
фото МТСП