23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈА

Спасов: Бидејќи било потешко од што очекувале, ќе почекаме за ветувањето за враќање на името, гордоста и достоинството

„По 100 дена од формирањето на владата на Мицковски разбравме дека најавените и ветените промени ќе одат бавно затоа што: состојбата во земјата била многу полоша од она што тие ја очекувале, странците се мешале во нашите внатрешни работи, Бугарија немала влада, Грција немала разбирање за нашата интерпретација на Договорот од Преспа а Унгарија и Орбан ни биле единствените востински пријатели меѓу членките на ЕУ“ вели професорот и поранешен амбасадор Ѓорѓи Спасов во интервју за „Рацин.мк“.

Тој додадава дека поради тоа ќе мора да почекаат ветувањата за враќање на името, на гордоста, достоинството на македонскиот народ, довербата во судството и зголемување на минималната плата, на платите на просветните работници, на пензиите и на условите за достоинствен живот.

„Ама ќе се врати оградата пред зградата на владата, ќе им се намали данокот на најбогатите, ќе им се остават високите плати на државните функционери, ќе се оправдува луксузирањето при патувања на министрите во странство, ќе земе кредит од милијарда евра и ќе се зголеми задолжувањето на земјата, ќе се вратат кавгите со соседите, ќе се вратат меѓуетничките односи на нивото од пред 2001 година, ќе врати споменикот на Ќосето и идејата за завршување на објектите од проектот Скопје 2014, ќе се вратат на слобода ‘уставобранителите’, а на власт кадрите на Груевски и останува уште само Груевски да се врати и да продолжи таму кај што застана“ вели Спасов.

Тој додава дека имитирајќи ја политиката на Груевски, Мицкоски ризикува да му ја сервира освоената власт на тацна на Груевски, а тоа го посакува и на тоа ќе работи и ДУИ.

„Владата на Мицковски, надградена и проширена во однос на претходните влади, со бројните министри, заменици министри, државни секретари, советници, и национални координатори за измислени работи е состав од кој може сѐ да се очекува. Ако се види политичката определба на министрите во неа, ќе забележите дека тоа е еден многу интересен политички мозаик. Таму има: министри подржувачи на Путин, на Самоопределување на Курти, вљубеници во Орбан и кадри од ултралевото крило на Црвенковски. Во која насока тие ќе ја водат земјата, за сега никој не знае“ вели Спасов.