8. август 2025
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
фото Centar.mk
вестМАКЕДОНИЈА

Обвинет признал дека сторил насилство од омраза, изречена пресуда

По поднесено обвинение од Основното јавно обвинителство Скопје, Основниот кривичен суд Скопје донесе пресуда врз основа на признание на вина против 30-годишен скопјанец за кривично дело – Насилство во квалификаторен облик сторено од омраза, казниво според член 386 став 5 во врска со став 3 и став 1 од Кривичниот законик, соопшти Обвинителството.

„Сега осудениот Ф.Г. ја призна вината онака како што беше наведено во поднесеното обвинение, односно се изјасни дека делото го сторил од омраза кон оштетениот заради неговата сексуална ориентација и припадност кон ЛГБТ заедницата. Грубото насилство го извршил на 31.08.2022 година, на плоштадот „Скендер-бег“ во Скопје за време на јавен собир на граѓани за солидарност и поддршка во врска со насилство врз 11-годишно девојче од Косово. Додека чекале собирот да почне, Ф.Г. му се приближил на оштетениот, почнал да го навредува, а потоа и физички го нападнал, удирајќи го со клоци и тупаници по главата и телото и нанесувајќи му телесни повреди. Со насилството предизвикал чувство на несигурност, загрозување и страв и кај други лица присутни на местото.

Основниот кривичен суд Скопје го огласи Ф.Г. за виновен и му изрече условна осуда – казна затвор во траење од една година, која нема да се изврши доколку не стори ново кривично дело три години по правосилноста на пресудата. Исто така, определена му е и алтернативна мерка – заштитен надзор во период од две години по правосилноста на пресудата за која е определено да ја врши надлежната пробациска канцеларија на подрачјето на Основниот кривичен суд Скопје и за надзорот да го известува судот. Доколку осудениот во наведениот период не ја исполнува обврската за користење на слободното време според оцена на надлежниот орган согласно закон, судот ќе ја отповика условната осуда.“ – се вели во соопштението.

Основниот јавен обвинител на ОЈО Скопје неодамна назначи посебен јавен обвинител задолжен да го следи постапувањето во предметите за кривични дела сторени од омраза и дискриминација.

Можеби ќе ве интересира

Не се вознемирувајте: Попладнево сите граѓани ќе добијат тест смс порака преку системот cell broadcasting

ДЕСК

Алиу: За 45 дена над 1.250 нови вработувања во здравството

ДЕСК

Македонка се удави во Грција – нова трагедија го претвори летниот одмор во пекол

ДЕСК