Светската здравствена организација (СЗО) предупреди дека проблематичното користење на социјалните мрежи е во пораст кај децата во Европа и дека постои опасност кај нив да се развие зависност од онлајн игри.
„Потребна ни е итна и одржлива акција за да им помогнеме на адолесцентите да престанат со потенцијално штетната употреба на социјалните мрежи за кои се покажа дека доведува до депресија, малтретирање, анксиозност и слаби училишни резултати“, рече директорот на СЗО за Европа, Ханс Клуге.
Во 2022 година 11 проценти од адолесцентите (13 проценти од девојчињата и 9 проценти од момчињата) имале знаци на проблематично користење на социјалните мрежи, а четири години претходно имало седум проценти.
Податоците се добиени во истражување кое опфатило 280.000 деца на возраст од 11, 13 и 15 години од 44 земји во Европа, централна Азија и Канада.
Кај нив се забележани симптоми слични на оние на зависност, а тоа се неможноста да се контролира прекумерната употреба, чувството на повлекување и напуштање на другите активности во корист на социјалните мрежи и негативните последици од прекумерната употреба во секојдневниот живот.
Оваа појава е најраспространета кај романските адолесценти на возраст од 13 и 15 години, каде што погодува 28 отсто од нив, а најмалку е кај холандските адолесценти (3 отсто).
Причината за загриженост е тоа што една третина од адолесцентите играат онлајн секој ден, а 22 отсто од нив играат најмалку четири часа, покажуваат податоците на СЗО.
Речиси 12 проценти од адолесцентите имаат проблематично однесување поврзано со онлајн игрите, од кои 16 проценти се момчиња, а 7 проценти се девојчиња./Извор:Makfax