22. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈА

Со целосна финансиска поддршка на нашата фондација издадена книга во спомен на претседателот Борис Трајковски

„Господ да ја благослови Македонија“. Така е насловена книгата во спомен на вториот македонски претседател Борис Трајковски, на авторите Свето Стаменов и Билјана Таневска Спировска, која неодамна излезе од печат во издание на „Студентски сервис“ од Скопје, а со целосна финансиска поддршка на Фондацијата „ЗАЕВ – Едно општество за сите“.

Автор на предговорот на книгата е основачот и директор на нашата фондација Зоран Заев. Во неговиот текст под наслов „Книга-споменик“ меѓу другото се вели:

„…Споменикот и не мора да биде од гранит, бронза или мермер. Тој може да биде создаден и од хартија и зборови. Нужно е тој да биде направен со почит, љубов и верба. За среќа, сè уште постојат такви луѓе кои, бидувајќи верни на својот занает, умеат тоа да го сторат повеќе од добро. Такви се познатите радио-новинари Свето Стаменов и Билјана Таневска Спировска, кои одлучиле да остават зад себе дело за почит и паметење, дело за сегашните и идните генерации, а со намера да ја одбележи 20-годишнината од трагичната смрт на претседателот Борис Трајковски“.

Вреди да се истакне дека директорот на нашата фондација Зоран Заев, уште во првата година од првиот мандат на неговото градоначалствување со општина Струмица, донесе одлука за подигање споменик на претседателот Трајковски во струмичкиот градски парк. Споменикот, дело на рускиот скулптор Григориј Потоцки, беше откриен во 2005 година, само една година по трагичната смрт на Трајковски. За жал, и по 20 години од неговата смрт, тоа е единствениот споменик во земјата подигнат во негова чест.

Нашата фондација ги почитува и поддржува вистинските вредности. Така беше досега, така ќе остане и во иднина.