Основното јавно обвинителство (ОЈО) започна предистражна постапка за предметот во кој е донесена одлука Телеком да плати оштета од 4 милиони евра на човек фирма од Штип. ОЈО ја започна постапката откако министерот за транспорт и врски Александар Николоски го испрати предметот за натамошно разгледување.
„Ние по службена должност бевме известени и јас го информирав Јавното обвинителство и побарав да го испита случајот, имајќи предвид дека во службеното известување кое го добивме, добивме информации кои се навистина сериозни за состојбата во судството во Македонија. Ние впрочем и затоа бараме да се распушти Судскиот и Обвинителски совет затоа што состојбата е многу лоша и довербата во судството е никаква, а вакви случаеви дополнително ја урнисуваат довербата во судството“, истакна Николовски.
За истиот предмет по претставка за судијката известител расправаше и Републичкиот судски совет, по што беше усвоен извештај во кој беа констатирани низа незаконитости во постапката, меѓу кои и дека бил потпишан записник и пресуда без да се видат списите за предметот, како и дека пресудата со која се преиначува првостепената одлука била донесена без одржување на јавна расправа, што е спротивно на Законот за парнична постапка. Овој извештај е испратен и до ОЈО, а Републичкиот судски совет се очекува да закаже нова седница во скор рок, во кој ќе изрече мерки за овој случај, особено имајќи предвид дека за истиот предмет има и уште една претставка, која се однесува на други аспекти на постапката.
Се работи за предметот во кој Апелација преиначувајќи ја првостепената одлука, пресуди Телеком да плати 4 милиони евра оштета на човек фирма од Штип. Фирмата имала склучено договор со Телеком во периодот од 2001 до 2002 година. Договорот бил раскинат од Телеком заради неплаќање на обврските од страна на фирмата. Потоа започнал долг судски спор пред првостепениот Граѓански суд во Скопје, кој минатата година пресудил во корист на Телеком, бидејќи судот утврдил дека се работи за фирма со еден вработен, која повеќе години била со блокирана сметка, а е повторно активирана непосредно по донесување на пресудата на Апелациониот суд. Фирмата не дала ниту доказ за број на претплатници, инвестиции и слично.
Ова не е единствен случај за кој постапуваше Републичкиот судски совет. Низа незаконитости во работењето беа утврдени и кај судија при што Советот утврди дека покрај другото, 95 пати зборувал на телефон со обвинет кому му судел. Пред две недели Советот разгледуваше и неколку претставка за судијата Пајазит Пајазити и утврди дека без доволно аргументи заменил затворски со домашен притвор.