9. октомври 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СВЕТ

Австралија ги забранува социјалните мрежи за децата

Австралија планира да воведе нови закони до крајот на годината, кои ќе ги спречат децата да користат социјални мрежи поради ризиците што тие ги претставуваат за нивното физичко и ментално здравје, изјави утринава премиерот Ентони Албанез.

Премиерот најави дека неговата влада ќе воведе пробен период во текот на следните неколку месеци, што ќе бара од корисниците на социјалните мрежи да ја потврдат својата возраст.

„Сакам децата и младите да се оддалечат од своите уреди. Сакам да ги гледам на фудбалски терен, базен или тениско игралиште. Сакам да имаат вистински искуства со вистински луѓе бидејќи знаеме колкава штета може да направат социјалните мрежи “, изјави Албанез за националната телевизија.

Премиерот не беше баш прецизен за старосната граница под која нема да се дозволи користење на социјалните мрежи, но рече дека тоа ќе биде меѓу 14 и 16 години. Дополнително, тој нагласи дека е загрижен за ефектите што сајбер-малтретирањето ги има врз менталното здравје на децата, како и за лесната достапност на содржините на социјалните мрежи, кои ги смета за штетни.

Досега неколку земји се обидоа да го ограничат пристапот на малолетниците до социјалните мрежи, но правните предизвици и технологијата, како што се приватните мрежи, кои ја прикриваат локацијата, се покажаа како најголеми пречки во овој потфат.

„Ова е глобален проблем со кој се соочуваат владите во светот. Знаеме дека не е едноставно или лесно, инаку владите веќе би реагирале и би направиле нешто во врска со тоа“, рече Албанез./Извор:Makfax