26. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
фото Влада на РМ
.МАКЕДОНИЈА

Мицкоски со порака: Мојата визија е јасна, Македонија ќе биде држава каде што владее законот и каде што нема место за корумпирани личности!

„Како нација имаме две големи цели. Првата мораме да го победиме разочарувањето кај секој еден човек кој е напластено од сите претходни порази и неуспеси. Втората е уште поголема цел, а тоа е да го сузбиеме криминалот и корупцијата метастазирана во сите делови од општеството“, порача претседателот на Владата Христијан Мицкоски денеска на Свечената академија по повод 8 септември – Денот на независноста.

Премиерот Мицкоски изјави дека денес голем дел од луѓето сосема оправдано се разочарани од многу работи, но како што рече дека има надеж за промени и ќе се бори до последниот атом да покаже дека се поразлични од се до сега и дека ги менува работите.

„Денес голем дел од луѓето сосема оправдано се разочарани од многу работи. Таквото разочарување е плод на континуирано рушење на системот и газење на базичните принципи и отстапки кои се правени во децениите претходно. Многу одлуки се донесоа кои граѓаните ги почувствува како личен пораз. Големи кнедли беа проголтани и кои како диво месо се распространија во срцето на нашиот организам. Сето тоа искуство сега ни носи разочарување и постојана дилема кај многу луѓе дали ќе успееме. Истото тоа разочарување натера многу луѓе да си заминат, и мнозина да се дистанцираат од политиката. Но, ве уверувам дека има надеж и ќе се борам до последниот атом да кажам дека сме поразлични од се до сега и дека ги менуваме работите“, нагласи тој.

Претседателот на Владата Мицкоски потенцираше дека како Влада ги решиле проблемите со пасошите, возачките дозволи и учебниците, нешто кое што било проблем изминатите години.

„За само два месеци решивме проблеми како тие со пасошите и новите учебници за сите ученици кои постоеле со години претходно. А и покажавме дека тие кои сметаа дека се вечна власт мора да одат во опозиција. Тоа е заеднички успех исто како што заедничко достигнување се 4 нови инвестиции за само два месеци, покачените пензии, исплатените субвенции, 250те милиони евра за капитални инфраструктурни проекти за општините и редица други проекти“, додаде Мицкоски.

Мицкоски е дециден и смета дека корупцијата ја разјадува државата одвнатре и ги руши темелите на доверба на институциите и порача дека како премиер ја зема обврска бескомпромисно да ја водам оваа борба против криминалот со непоколебливост и со одлучност.

„Вториот голем проблем е криминалот и корупцијата. Ова зло ја разјадува државата одвнатре и ги руши темелите на довербата меѓу институциите и граѓаните. Корупцијата е како отров кој го слабее нашето општество, правејќи да се изгуби неповратно надежта за подобро утре. Како премиер јавно истакнувам уште еднаш дека ја преземам личната обврска бескомпромисно да ја водам оваа борба со непоколебливост и со одлучност“, вели премиерот Мицкоски.

Според него секој треба да се вклучи во оваа битка бидејќи како што рече корупцијата не е само проблем на Владата, туку проблем на целото општество.

„Секој од нас мора да биде дел од оваа битка, бидејќи корупцијата не е само проблем на Владата, туку проблем на целото општество, а јас би рекол и безбедносен проблем. Граѓаните премногу долго време беа жртви на политичари кои ја злоупотребуваа својата моќ, продавајќи го достоинството на граѓаните за свои лични интереси. Ова мора конечно да престане, кажа тој и додаде дека неговата визија е јасна, држава каде што владее законот и каде што нема место за корумпирани личности. Мојата визија е јасна, земја каде што владее законот и каде што нема место за корумпирани личности“, порача претседателот на Владата Мицкоски.