23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈА

Филипче: Мицкоски креира сценарија за дестабилизација за да ги покрие скандалите

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, го обвини лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, дека свесно создава сценарија за дестабилизација со цел да ги прикрие скандалите кои ја тресат неговата партија. Според Филипче, сериозна власт не сее страв и несигурност меѓу граѓаните, туку дејствува одлучно и со сите средства кои ги има на располагање.

„Кога сериозна власт има сознанија за дестабилизација, таа власт дејствува жестоко и со сите средства кои ги има на располагање во безбедносните институции. Не сее магла, не подгрева тензии, па ако сакате и намерно поттикнува несигурност меѓу граѓаните,“ изјави Филипче, критикувајќи го пристапот на Мицкоски.

Филипче истакна дека ваквото плашење на јавноста има директни негативни ефекти врз економијата и инвестициите во земјата. „Замислете дека сакате од септември да инвестирате во нов бизнис, но премиерот го слушате на телевизија како вика ќе има дестабилизација. Тоа што го прави Мицкоски е всушност дестабилизација со цел покривање на скандалите,“ рече тој, објаснувајќи како таквите изјави создаваат клима на несигурност.

Филипче јасно го истакна дека СДСМ нема никаква улога во какви било планови за дестабилизација, нагласувајќи дека тоа е практика на ВМРО-ДПМНЕ. „СДСМ ниту е, ниту некогаш била, ниту во иднина ќе биде дел од било какви планови за дестабилизација. Тоа, за жал, е дел од политичкото досие на една друга партија, на чие чело сега е токму Мицкоски,“ додаде Филипче, повикувајќи на одговорност и разумност во политичкото дејствување.

Филипче, исто така, изрази сомневање дека актуелните препукувања меѓу ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ се всушност договорени, со цел да се постигнат одредени политички цели. „Можам да кажам дека ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ се единствените на кои им одговараат сценарија на дестабилизација и сметам дека овие препукувања се договор меѓу овие две партии,“ вели тој.

Филиче вели дека нема да дозволи СДСМ да биде вмешана во контексти на опозициско дејствување со ДУИ, без оглед на мотивите зад тие потези. „Јас нема да дозволам никој да ја вмешува СДСМ во било какви контексти со опозициското дејствување на ДУИ, без оглед од кои мотиви го прави тоа,“ заврши Филипче.