16.8 C
Скопје
16. септември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.СТАВ

Долго, топло и мачно лето

Пишува: Ненад Јовановиќ

Завршија летните одмори, завршија рекламите за „капачки гаќи“, заврши морализирањето „како да се спремите за на плажа“, а фала му на Бога заврши и онаа кое отсекогаш ме нервирало: „како до изглед за совршено тело на плажа“, затоа што мене овие пораки редовно ми звучат како еден вид на закана од рекламната индустрија; ги знаете сите оние пораки кои звучат како нешто да не е во ред со вашите (капачки) гаќи и дека нешто не е во ред со вашето тело.

Ги погледав гаќите, си го гледам телото пред огледало: оние првите, чисти и испрани, ова второто, дигнувам маица, одам пред огледало… Се е цакум-пакум, немам приговор, знам да пливам и не работам на базен. Па, добро, по ѓаволите, што не е во ред со мене?

Не дека сум навикнат да се соблекувам, се соблекувам јас, ама ништо повеќе и ништо помалку одколку што се соблекува секој еден просечен „инсејн“ на планетава земја, а можеби и само се филмам, или можеби никој така ретко не се соблекува како тебе, Јовановиќу!?

Се сеќавам кога бевме деца, имав другари кои едни на други редовно се препиркаа околу своите „жгољави“, слабички или дебели тела.

„Не можеш да одиш со тоа тело на плажа во Охрид“, ќе му речеше едниот на другиот.

Или кога се собиравме на плажа во Градиште со мојата малска банда: доволно е човек да биде во такво опкружување кое ќе го гледа телото и ќе коментира според некои зададени стандарди (секогаш телата се дел за таргетирање, посебно ако некој од групата е страшно малициозен).

Некој може да го рече и тоа: „Ма, што ми е гајле, нека ме гледаат“, ама фактот останува дека луѓето на плажи и базени ги гледаат своите тела и редовно ги коментираат. Некои коментираат и задници. И танги. И гради. И целулит. И влакнест грб. И што на кому колку му стрчи, и што на кому „му се истурило“, а нивото на таквите говоранции редовно оди до ниво на омраза и сексусално вознемирување.

И ви велам, аман мајко Маријо, фала што заврши ова долго, топло и мачно лето! Едноставно некои работи од-година-во-година не стануваат подобри, ами полоши. За мене одењето на плажа претставува чист ужас кога има премногу луѓе, гужви, турканици, соблекување, мачкање со креми против изгореници… А каде може да се исчезне, избега, одмори? „Само во себе“, велеше Берѓаев.

Ако човек нема мир во себе, нема таква плажа, место, град, плажа или земја што може да го смири внатрешниот (не)мир. Ама во секој случај тоа море и таа плажа лековито делува. Ако има кој на време да извлече поуки.

А сега се враќаме на полето на политиката.

Денешна Македонија во политичка, медиумска и културно-вредносна смисла може да се опише како „ниту смрди, ниту мириса“, а ќе признаете дека тоа фатално и плаши и фатално привлекува!?

Од една страна, јас во оваа земја се чувствувам како странец, дојденец, „дошљак“, и тоа никаде, а најмалку oвде, не претставува живот како песна од рефрен на Боб Марли „Sun Is Shinihg“, повеќе звучи (а богами и се живее) како рефрен на „Buffalo Soldier“. Добро, а може ли полошо од ова? Може, секогаш може уште полошо.

Ама, добро, море, како е возможно да си странец во сопствената земја? Освен јазичната сродност, тука е и вредносната, која е потполно девастирана и уништена. Верувам дека е тешко за секој еден, не само за мене, кога десницата е власт, посебно кога така е глупаво а толку доминантно (бројчано) изгласана.

На површина може да ви изгледа дека се работи за пријателско опкружување, затоа што сите од набилданиот маалски билмез па до подгрбавената бабичка делуваат благопријатно кога ќе се изговори „Здраво, како сте“? Или „Имајте убав ден“, само никогаш не е пријатно кога со нив ќе се впуштите во сериозен разговор, затоа што може опасно да ги навредите ако го доведете под прашање нивниот „патриотски вредносен систем“.

И потоа ќе читаш коментари за оние луѓе кои припаѓаат на оној дел на Македонија кои се слободни, либерални и демократски расположени: „никој не се дружи со такви предавници и јабанџии“, што во дополнителен превод значи дека те аутираат со мера на превенција и опрез, затоа што не им го поддржуваш неопсиво конфузното и вредносно дезориентираното ВМРО и нивниот лидер Мицкоски.

За ова, денес, сведочат и купиштата од катастрофални потези кои оваа денешна влада ги влече: непокачување на загарантираните плати на работниците од 12 проценти, па до ветените пет илјади денари за пензионерите. А тоа што денес, ваквите „дојденци“ и „јабанџии“ го повторуваа и зборуваа сите овие години – и гледај, за чудо – беа во право од денешна дистанца! – домашните ги изсвиркаа, ги навредија, им се закануваа, агресивно ги аутираа да си одат од земјата.

Драги „нови“ сограѓани со „патриотски“ предзнак, ако зачудено и повремено се прашате за што, всушност, овде се работи, или што, по ѓаволите се случува, хм, ќе ви оддадам една тајна на големите мајстори.

Ние овде не сме најдени на улица; веруваме во заедништво, работиме на рушење на предрасуди и не сакаме кога некое забревтано ѓубре не’ дискриминира по секоја основа.

Во Устав јасно пишува: на територија на Р. Северна Македонија, може човек да живее каде ќе му се ќефне, може да љуби кого сака и каде сака, може да поддржува или не поддржува исто кого сака. Нема таков суд што може тоа да го забрани. Како што нема ниту таков суд што може да ти каже дали твоите гаќи и твоето тело се соодветни за на плажа. Сечие тело е совршено и единствено, баш како што секој човек е достоен да живее каде сака. Секој друг и поинаков коментар влегува во полето на омразата и дискриминацијата.

Пишува: Ненад Јовановиќ

Текстот е личен став на Авторот.