16.8 C
Скопје
16. септември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈА

Приватни возила поминале без проверка на границата со Косово како дел од свадбената поворка на Гаши

Освен службените возила на претседателот на Собранието, Африм Гаши и неговото обезбедување, по невеста во Косово без проверка на границата поминале и останатите сватови кои патувале со Гаши со своите приватни возила, објави СДСМ.

„Според информациите кои ги добивме, поворката пред да ја помине границата била паркирана на една бензинска станица во близина на границата. Потоа, сите возила заедно, вклучително и приватните возила, поминале на лентата за камиони, односно товарен траспорт без да бидат застанити. Да биде скандалот уште поголем, во возилата каде се што се возело обезбедувањето на Гаши, имало и дел од сватовите односно приватни лица што е законски недозволено“ велат од СДСМ.

Тие додаваат дека границата била целосно приватизирана за потребите на Гаши и тоа со амин од МВР и одговорните службеници, со што се нарушила безбедноста на државата и проверката на патниците, која е задолжителна со закон.

„Прашуваме, кој ја дал наредбата за ова? Дали лично Гаши или Тошковски? Кој од МВР бил одговорен да го организира ова своеволие? Бидејќи, јасно е дека без команда да се пропуштат возилата ова не можело да се случи. Дали контролата на границата кон Косово е целосно препуштена на партиските структури на ВЛЕН? Кој гарантира што се поминало низ границата во приватните возила? СДСМ бара сериозна истрага од Јавното обвинителство и одговорност од сите инволвирани за овој скандал. Бараме Тошковски да си поднесе оставка или да биде разрешен во најкратка постапка“ велат од СДСМ.

Од партијата додаваат дека по ваквиот скандал е јасно зошто ВМРО-ДПМНЕ го бранеше Гаши, бидејќи истиот не можел да се случи без поддршка од МВР и раководни структури во министерството.