23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СВЕТ

Бајден: Сè уште е можен прекин на огнот во Газа, САД нема да се откажат

Американскиот претседател Џо Бајден изјави дека прекинот на огнот во Газа е „сè уште можен“ и увери дека САД „не се откажуваат“ од своите напори додека американскиот државен секретар Ентони Блинкен ја почнува својата последна посета на Израел.

Палестинската група Хамас претходно објави дека новиот предлог, кој требаше да ги премости разликите меѓу Израел и палестинската вооружена група во врска со прекинот на огнот во Газа, е премногу близок до позициите на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху.

Хамас го објави ова неколку часа откако американскиот државен секретар Ентони Блинкен пристигна во Израел во обид да обезбеди прекин на огнот во Газа и договор за ослободување на заложниците, намалувајќи ги надежите за напредок во разговорите.

Хамас доби нов предлог од посредниците Катар, Египет и САД по дводневната рунда преговори во Доха.

„Ние сметаме дека Нетанјаху е целосно одговорен за попречување на напорите за посредување и одложување на договорот, како и одговорен за животите на затворениците кои, како и сите наши луѓе, се под еднаков ризик поради агресијата и систематското таргетирање на сите аспекти на животот во Појасот Газа“, рече Хамас.

Претходно во неделата, Нетанјаху повика на „да се изврши притисок врз Хамас“ и го осуди нивното „тврдоглаво отфрлање“ на договорот за прекин на огнот во Појасот Газа.

„Хамас опстојува на своето одбивање и не испрати ниту свој претставник на преговорите во Доха. Затоа притисокот треба да биде насочен кон Хамас и (неговиот лидер Јахја) Синвар, а не кон израелската влада“, рече Нетанјаху./Извор:Makfax