23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈА

Мицкоски и Николовски: Очекуваме безусловна борба со криминалот и корупцијата, Царинската управа многу важен столб за стабилноста

„Очекуваме безусловна борба со криминалот, којшто за жал се случувал во минатото многу. Преку таа борба и резултатите со таа борба, ние практично очекуваме поголеми приливи во самиот буџет, преку коишто ќе можеме да одвоиме повеќе средства за капитални инвестиции и за сите реформи што ги планираме да ги работиме. Царинската управа е значаен сегмент и многу важен столб за стабилноста и борбата против криминалот, корупцијата и недозволената трговија и затоа, ќе ја имаат мојата поддршка, но очекувам исклучително сериозни резултати“. Ова го истакна премиерот Христијан Мицкоски во изјава за медиуми при денешната посета на Царинската управа, при што му честиташе на директорот Николовски за постигнатите резултати во јули при што беа наплатени рекордни приходи од 12 милијарди денари. Но, како што потенцира, тоа не е доволно и очекува уште пожестока борба со корумпираните сегменти кои како што кажа се малку и се веќе приближно лоцирани во Царинската управа.
Премиерот потенцира дека нема повеќе да биде по принципот како досега, што го кажуваат и самите бројки. Затоа, како што кажа Царинската управа ќе ја има неговата поддршка, но оти очекува исклучително сериозни резултати.

Директорот на Царинска управа, Бобан Николовски, во изјава за медиумите рече дека за жал во Царинската управа е затекната состојба која била крајно разочарувачка. Царинските службеници биле демотивирани и неефикасни, при што резултатите беа крајно поразителни – слаба контрола, а откривачки функции сведени на минимум.

„За сaмо еден месец, во јули, наплативме рекордни близу 12 милијарди денари, или 16,6 проценти повеќе од минатата година, што претставува историска наплата на приходи во еден месец“, истакна Николовски.

Анализата за наплатата на приходите во јули, како што кажа, покажува дека зголемената наплата се должи на поголема количина пријавен увоз на цигари – или за 127 проценти повеќе од јули минатата година. Во количина, минатиот јули бил пријавен увоз на 96 тони цигари, а годинава во јули има пријавен увоз на цигари од 218 тони. Воедно во јули бил пријавен поголем увоз на возила, но исто така била увезена поголема количина текстилни производи од Турција со повисока цена, односно ако минатата година биле со цена од 555 денари од килограм во просек, сега биле пријавени со цена од 691 денари од килограм.

Kумулативно, информира Николовски, од почеток на годинава до крај на јули има зголемена наплата на приходи за 7,8 проценти во однос на минатата година, или за 9 проценти зголемен пресметан приход. Фактите говорат дека најголемо учество во зголемената наплата на приходи во јули се од ДДВ и тоа 55,5 проценти, од акцизи 35,8 проценти и од царина 8,7 проценти.

„Покрај овие фактори морам да напоменам и еден фактор кој никој не го забележува, а тоа е поголема ангажираност на царинските службеници во извршувањето на секојдневните обврски. Од првиот ден на моето доаѓање ветив менување на свеста на царинските службеници, при што јасно побарав повисоки резултати кои треба да бидат мерливи и видливи. Видливоста и мерливоста на резултатите ја имаме за само еден месец, зголемени приходи и подобрување на квалитетот на контролите и откривачките функции коишто резултираа со спречен меѓународен ланец на нелегална трговија со анаболични стероиди. Самото присуство на премиерот денеска кажува за неговата поддршка за целата Царинска управа и за сите царински службеници, но кажува и дека ќе се очекува многу од нас“, потенцира Николовски.