23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
ПРОМОБИЗНИС

Продолжуваат позитивните финансиски резултати на Реплек во првото полугодие од 2024 година

„Реплек АД“ во целост го реализираше предвидениот план за продажба во првата половина од 2024 година, забележувајќи раст на остварените приходи од продажба во сегментот „Фармација“ од 20,5% во однос на истиот период минатата година. Истовремено, компанијата успешно продолжува да го реализира бизнис планот за 2024 година и во останатите сегменти, вклучувајќи ги инвестициите во зголемување на производствените капацитети, дигитализацијата и преземање на права за застапништво, како и во зголемување на задоволството и мотивацијата на вработените, што ќе придонесе за натамошен континуиран напредок и успех на компанијата.

Вкупните оперативни приходи на „Реплек АД“ во првото полугодие од 2024 година надминаа 865 милиони денари и се за 20% повисоки во однос на истиот период од претходната година, покажуваат податоците од објавениот неревидиран консолидиран финансиски извештај за работењето на компанијата за периодот од 1 јануари до 30 јуни 2024. Најголемо учество во вкупните приходи имаат приходите остварени од продажбата во сегментот „Фармација“ (13,6 милиони евра), каде е забележан скок во продажбата на домашниот пазар од 46% (2,97 милиони евра) и раст на продажбата на странските пазари од 15%, достигнувајќи вредност од 10,6 милиони евра. Ваквите резултати во продажбата во првото полугодие од оваа година генерираа и раст во консолидираната оперативна добивка, која во овој период е зголемена за 4 % во однос на лани. Истовремено, вкупните инвестиции на Реплек АД, реализирани во првите шест месеци од оваа година, достигнаа вредност од 5,6 милиони евра, што претставува значително зголемување во однос на истиот период минатата година и претставува показател за посветеноста во реализацијата на амбициозниот нов инвестициски циклус на компанијата со кој се предвидува нејзина целосна модернизација.

„Позитивните резултати кои продолжуваме да ги остваруваме и во првата половина од оваа година се показател дека нашата стратегија за долгорочен одржлив развој на Реплек и деловните планови кои произлегуваат од неа се добро поставени и димензионирани. Главната цел на досегашните промени и вложувања што ги направивме, како и на оние кои допрва ќе се случуваат, е да генерираме дополнителна вредност за сите, почнувајќи од потрошувачите, нашите вработени, акционерите, деловните партнери и заедницата. Затоа и натаму остануваме посветени на натамошната целокупна технолошка модернизација на Реплек, на иновациите во проширување на нашето портфолио на производи и на јакнењето на нашите пазарни позиции и перформанси, како и на вложувањата кои треба да ја гарантираат благосостојбата на нашите вработени“, изјави главниот извршен директор на „Реплек АД“, Душан Пецовски.

Инаку, согласно усвоениот бизнис план, до крајот на оваа година се очекува „Реплек АД“ да оствари вкупен раст на приходите од продажба од 24% во однос на 2023 година, како и раст на добивката која е проектирана на минимум 3,5 милиони евра, што ќе овозможи остварување на плановите од среднорочната дивидендна политика на компанијата. Истовремено, ќе продолжи и реализацијата на планираните вложувања во автоматизација, дигитализација и натамошно подобрување на условите за работа, како и на вложувања во зголемување на задоволството и мотивацијата на вработените. Пример за ваквиот вид исчекор е и бонусот за вработените за нивниот придонес во остварените позитивни резултати на компанијата во 2023 година, што беше исплатен во март оваа година.