„Договорот од Преспа даде нов моментум на европската перспектива на Западен Балкан, ја врати улогата на ЕУ во регионот и ја потенцираше важноста од трансатлантската соработка во промоција на мирот и стабилноста. Исто така ја истакна и важноста која ОН може да ја има во решавањето на конфликти, особено бидејќи овој договор беше официјално признат од сите членки на Советот за безбедност на ОН“ пишуваат поранешните премиери на Северна Македонија и Грција, Зоран Заев и Алексис Ципрас за „Еурактив“.
Тие додаваат дека иако товарот на историјата е тежок, кога се има волја, се наоѓа начин, а Преспа, регион кој бил најсилно погоден од граѓанската војна во Грција, од каде што илјадници жители морале да бегаат, денес е симбол за мир, наместо за конфликт и за надеж, наместо за болка.
Сепак, поранешните премиери во текстот укажуваат на тоа дека изминатите шест години, по потпишувањето на Договорот не се движеле во правец во кој тие очекувале.
„Процесот на пристапување во ЕУ на Северна Македонија беше блокиран, прво од Франција, а потоа неколку години од Бугарија. Тензиите во Косово се зголемуваат, а разговорите со Белград не напредуваат. Реториката во Босна и Херцеговина исто така станува поагресивна. Со тоа се загрозува моментумот за проширување на Западен Балкан и покрај одлуките за почеток на преговори со Украина и Молдавија, како и давањето кандидатски статус на БиХ“ пишуваат Заев и Ципрас.
Тие порачуваат дека во време на интензивни глобални антагонизми, регионална нестабилност и конфликт, Европа мора да биде проактивна сила која ќе поддржува мир и стабилност, врз основа на меѓународното право и да се постави како силна меѓународна дипломатска сила.