3. декември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.БИЗНИС

Ангеловска-Бежоска: Енергетскиот шок предизвика значајни притисоци кај инфлацијата и девизните резерви, но со мерките на Народната банка стабилноста се одржа

Гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, во своето обраќање на економскиот форум „По бурата: Управување со енергетската и прехранбената стабилност на Западен Балкан“, во организација на аналитичкиот центар „Фајненс тинк“, истакна дека енергетскиот шок со кој се соочи светот изминатите две години беше посилен од кризата во ‘70-тите години од минатиот век. Овој ценовен шок ги опфати сите енергенти, за разлика од 70-те кога главно се одрази на цените на нафтата. Степенот на глобализација сега е многу повисок, така што и повеќекратните ефекти се поголеми.

Овој раст на цените на енергентите придонесе за двојно зголемување на глобалната инфлација, додека кај земјите од Западен Балкан таа се зголеми четирикратно. Кога станува збор за нашата земја, како мала, енергетски зависна и енергетски неефикасна економија, таа беше силно погодена од енергетската криза, што се одрази и на инфлацијата, која достигна 14,2% на годишно ниво. „Домашните цени на енергијата се зголемија за 20% во две години, одразувајќи се значително на семејните буџети и зголемувајќи го ризикот од енергетска сиромаштија, слично како и другите земји во регионот“, истакна Ангеловска-Бежоска и посочи дека значително се зголемија и трошоците на компаниите. Сепак, во услови на стабилизација на цените на енергентите и големиот број преземени мерки од Народната банка, инфлацијата значително се намали до 3,4% во првиот квартал од 2024 година, а забележително стеснување е забележано и кај инфлацискиот диференцијал во однос на ЕУ.

„Покрај инфлацијата, се соочивме и со значајни предизвици и во надворешниот сектор, при што трговскиот дефицит достигна 27% од БДП во 2022 година, а ваквите промени во надворешната позиција очекувано создадоа притисоци на девизниот пазар. Народната банка, преку интервенции на девизниот пазар и други мерки, успешно ја зачува стабилноста на денарот. Девизните резерви на почетокот на кризата се намалија, но со нормализирањето на трендовите, тие забележаа раст, така што на крајот на 2023 година нивното ниво е повисоко за 40% во однос на преткризниот период.

Соодветната комбинација на монетарни и макропрудентни мерки придонесе за успешно одржување на стабилноста на девизниот курс и намалување на инфлацијата на едноцифрени стапки, порача гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска на економскиот форум.