25.8 C
Скопје
21. јуни 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈА

Министерот Тошковски во посета на Секторот за меѓународна полициска соработка

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска (29.05.2024) го посети Секторот за меѓународна полициска соработка при Бирото за јавна безбедност каде непосредно се запозна со работата на оваа организациска единица, каде одржа работен состанок со раководството.

„Во рамки на овој Сектор функционираат Одделението за потраги, Одделението за НЦБ – Интерпол Скопје и Одделението за Европол. Согласно надлежноста која ја имаат во делот на меѓународната полициска соработка може да се каже дека овој Сектор е лицето на Министерството за внатрешни работи и државата во странство и од тие причини потребно е во иднина да се продолжи со инвестирање во градење на квалитетен кадар кои ќе ги поседува сите неопходни квалификации потребни за квалитетно и професионално работење“, истакна министерот Тошковски.

Во делот на потражната дејност овој Сектор има сериозна улога и во иднина треба да се направи реструктуирање во организациската структура низ Бирото за јавна безбедност со цел да се изгради поефикасен и поквалитетен систем за потраги.

„Што се однесува до Одделенијата за НЦБ – Интерпол Скопје и Европол се забележуваат добри резултати особено во делот на размена на информации со други држави и учество во меѓународни проекти. Во тој контекст е и одржувањето на 50 Европска регионална конференција на ИНТЕРПОЛ која минатата година се одржа во Охрид. Исто така, во континуитет се надградува и унапредува пристапот до сервисите, базите и алатките на Интерпол и Европол со што се придонесува кон зајакнување на капацитетите на МВР за борба против оние облици на криминал кои имаат меѓународен карактер“, нагласи министерот Тошковски.