Италијанските власти објавија дека израелските напади врз палестинските цивили во Газа повеќе не се оправдани, што е една од најострите критики на Рим за воената кампања на Израел досега.
„Ситуацијата се влошува. Палестинскиот народ е притиснат, а правата на невините мажи, жени и деца кои немаат никаква врска со Хамас не се земени предвид и тоа повеќе не може да се оправда“, изјави министерот за одбрана Гидо Крозето.
„Ние ја следиме ситуацијата со очај“, додаде тој.
Најмалку 35 Палестинци загинаа, а десетици се ранети во најновите израелски воздушни напади врз градот Рафа на југот на Појасот Газа. Израел тврди дека нападот бил насочен кон база на Хамас, иако главниот воен обвинител го нарече „многу сериозен“ и рече дека војската жали за какви било последици за цивилите.
Крозето рече дека Италија начелно се согласува со одговорот на Израел на нападот на милитантите на Хамас на 7 октомври врз заедниците во јужен Израел, но додаде дека мора да се направи разлика меѓу исламистичката група и палестинскиот народ.
Во саботата, италијанската премиерка Џорџа Мелони и министерот за надворешни работи Антонио Тајани се сретнаа со палестинскиот премиер Мохамед Мустафа во Рим, повторувајќи ја својата поддршка за прекинот на огнот и го повикаа Хамас да ги ослободи израелските заложници.
Италија во неколку наврати изјави дека Израел има право да се брани од Хамас. Минатата недела, Рим рече дека одлуката на обвинителот на Меѓународниот кривичен суд да бара налог за апсење на израелските водачи под сомнение за воени злосторства е „неприфатлива“./Извор:Makfax