22. август 2025
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
вестМАКЕДОНИЈА

Честитка од претседателката Сиљановска Давкова по повод 24 Мај, Денот на сесловенските просветители светите браќа Кирил и Методиј

Претседателката Гордана Сиљановска Давкова упати честитка по повод 24 Мај, Денот на сесловенските просветители светите браќа Кирил и Методиј.

Почитувани сограѓани,

Би сакала да упатам најсрдечни честитки по повод големиот празник, 24 Мај, Денот на сесловенските просветители светите браќа Кирил и Методиј.

Од сè срце ви посакувам празникот да го поминете во добро здравје, љубов и хармонија, исполнети со радост и со среќа што имаме можност да ги ползуваме плодовите на великото дело на солунските браќа. Благодарение на нив, словенските народи добија можност да ја развиваат својата духовност, култура, образование, наука. И македонската јазична и културна самобитност, но и светогледот и космополитизмот се втемелени од нивната работа и достигнувања, и од нивното човекољубие.

Светите Кирил и Методиј покажаа дека со знаење, жед за вистината, правдољубивост, посветеност, хуманизам и благородност, можат да се надминат ограничувањата и да се победат неправдите. Историјата на Европа и на светот нема премногу примери на така влијателни личности коишто имаат оставено печат на своето време, но и патоказ за иднината и кои се светилници на човечката цивилизација. Затоа нивното дело и по еден цел милениум не бледнее и не губи на значење.

Нека подвигот на светите браќа и понатаму бидe наш патоказ и морална и духовна вертикала за достоинствено и исполнето живеење, творење и создавање.

Нека ни е честит и вековит 24 Мај, Денот на Св. Кирил и Методиј.

Гордана Сиљановска Давкова

Можеби ќе ве интересира

Службеник од општина Шуто Оризари присвоил од општинскиот буџет 3.600.000 денари

ДЕСК

Средба Божиновска со новоименуваниот економски аташе на Амбасадата на Соединетите Американски Држави во Македонија

ДЕСК

Културата е во најлоша состојба досега, тоа е резултатот на Љутков и ВМРО-ДПМНЕ

ДЕСК