16.8 C
Скопје
16. септември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
РЕГИОН.

Мицотакис со ново предупредување: Да се користи само името Северна Македонија во и надвор од земјата, инаку ќе се создадат проблеми во односите со Грција и со ЕУ

Грчкиот премиер Киријакос Мицотакис во утринското интервју за државната телевизија ЕРТ се осврна на прашањето за Северна Македонија, повторувајќи го предупредувањето до новата власт дека без целосно усогласување со Преспанскиот договор во однос на името, Грција нема да ги ратификува меморандумите и нема да има напредок во ЕУ перспективата на земјава.

„Прво, сакам да бидеме многу јасни и внимателни во она што го кажуваме. Станува збор за изјавите на мандатарот за премиер. Ќе ги чекаме официјалните ставови на владата на Северна Македонија, но првите примери на однесувањето се исклучително негативни. Во основата на Договорот од Преспа беше концептот на именување. Тоа што го велиме ерга омнес во името Северна Македонија треба да важи за сите, односно да се користи и внатре и надвор од државата“, истакна Мицотакис на почетокот од интервјуто.

Тој потсети дека тие не гласале за Договорот, бидејќи изразиле силна резерва „за фактот што овој Договор обезбедува македонска нација и македонски јазик“, што воедно било и главната причина зошто не го поддржале Договорот.

„Сепак, по прашањето за името има јасно повлекување и сакам уште еднаш да упатам предупредувачка порака до новата влада, отсега да ја смени линијата. Да се ​​почитува оваа централна одредба од Преспанскиот договор, да се користи само името Северна Македонија во и надвор од државата, кога се споменува нашиот северен сосед. Во спротивно, сигурно е дека ќе создадат проблеми не само во односите на Грција со Северна Македонија, туку и во односите на Европа со Северна Македонија“, предупреди грчкиот премиер.

Мицотакис истакна дека тој лично интервенирал и го информирал раководството на Европската унија за изјавите на претседателката на Северна Македонија, Гордана Сиљановска Давкова за време на нејзината инаугурација. по што следуваа реакции од ЕУ и од САД.

На прашањето кои се следните чекори во однос на Договорот од Преспа, Мицотакис нагласи дека „она што сигурно ќе го направиме е дека нема да ги ратификуваме трите меморандуми што произлегуваат од договорот. И сега нашиот став да ја одложиме ратификацијаата е целосно оправдан, бидејќи долго време гледаме што се случува во Северна Македонија“.

„Го слушавме ова вмровско националистичко лудило, знаевме дека ВМРО ќе победи на изборите и сакавме да задржиме некое суштинско преговарачко оружје во случај работите да не одат како што некои очекуваат“, додаде Мицотакис.

„Второто што ќе го направиме, веќе го сторивме, апсолутно јасно да ставиме на знаење дека никаков напредок во овој, би рекол, долг пат на Скопје кон Европа, не може да се постигне ако не постои апсолутно усогласување со Договорот од Преспа во прашањето со името“, истакна грчкиот премиер во денешното интервју.

Извор: Civilmedia.mk