Министерот за правда Јетон Шасивари оствари средба со амбасадорката на Кралството Холандија во Република Северна Македонија, Н.Е. Узлем Џанел, на која беше потврдена заедничката определба за интензивирање на соработката во спроведувањето на реформите во правосудството и зацврстувањето на владеењето на правото.
„Правдата мора да биде видлива, ефикасна и еднакво достапна за сите. Затоа реформите во правосудството не се само европска обврска, туку наша одговорност кон граѓаните. Поддршката од Кралството Холандија е значаен поттик во овој процес,“ порача министерот Шасивари.
Нејзината поддршка преку бројни проекти придонесува за јакнење на владеењето на правото, поголема отчетност и транспарентност на правосудните институции, поддршка на Академијата за судии и јавни обвинители, како и за реформите во пенитенцијарниот и пробацискиот систем.
Соработката меѓу двете држави во областа на меѓународната правна помош се одвива на високо професионално ниво.
Министерството за правда останува цврсто определено за спроведување на суштински реформи, јакнење на независноста и интегритетот на правосудниот систем и продлабочување на партнерството со државите кои активно го поддржуваат европскиот реформски процес на земјата.
фото Министерство за Правда


