Професорката Ана Чупеска во интервју за Слободен печат истакна дека потребни се темелни реформи на Уставот, но и дека очекува новата владејачка коалиција намерно да го одолговлекуваат целиот процес,
„Очекувам целиот процес со уставните измени да се одолговлечи со тоа што тука има една важна работа, а тоа е дека идните коалициски партнери ВМРО-ДПМНЕ и ВЛЕН се спремни на темелни уставни реформи. Тоа што значи? Принципиелно, се согласувам дека Уставот треба да претрпи една темелна реформа, бидејќи во него има доста недоследности кои треба да бидат санирани, понатаму има една релација и со пристапувањето така што има и реформски аспекти и тоа е во ред. Но како што ми се чини и имам впечаток дека темелната реформа на Уставот што ја заговараат тие повеќе се однесува на купување на време бидејќи таква реформа на Уставот ќе бара повеќе време, а тоа повеќе време може да значи оправдување за четири години да се остане во заеднички мандат. Купувањето на време мислам дека е еден од аспектите поврзани со таа темелна реформа на Уставот“ рече Чупеска.
Сето тоа, додава таа ќе се прави со цел, владејачката коалиција ВМРО-ДПМНЕ и ВЛЕН да трае цели четири години.
„Ми се чини дека тоа веќе е договорено и дека ВЛЕН може да попушти околу уставните измени“ рече Чупеска.