Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека украинското воено-политичко раководство има информации за обемот на руските сили и нивниот план да ја пробијат одбраната на регионот Харков, додавајќи дека украинските одбранбени сили им даваат отпор на руските војници.
„Главната цел е регионот Харков. Руските војници денеска се обидоа да ги прошират операциите против Украина“, рече Зеленски во видео порака и посочи дека вооружените сили на Украина се зајакнати во правец на Харков.
„И долж нашата државна граница и по целата линија на фронтот, ние секогаш ќе го уништуваме окупаторот за да ги спречиме сите руски офанзивни намери“, рече тој, пренесе Интерфакс Украина.
Зеленски изјави дека сега се прави се’ што е потребно за да се заштитат сите позиции, додавајќи дека во исто време е важно партнерите да го поддржат Киев со навремени набавки./Извор:Makfax