Денеска, (19.04.2024) дополнителниот заменик министер за внатрешни работи Митко Бојмацалиев, заедно со директорот на БЈБ Сашо Тасевски и државната секретарка Магдалена Несторовска, по повод една година од операционализацијата на Договорот со ФРОНТЕКС, ги посетија наплатната станица Демир Капија, како и граничен камен 57/2 – место од висок ризик по однос на илегалната миграција и сите форми на прекуграничен криминал, каде што работат заеднички патроли составени од униформирани полициски службеници од МВР и припадници на ФРОНТЕКС, а со цел презентирање на европскиот пристап, односно заедничкото постапување при контрола на лица и возила на главните патни правци по однос на откривање на илегални мигранти и криумчарење на мигранти и презентирање на опремата за контрола.
Воедно, во с.Дрен ги посетија патролните тимови со четирицикли, како и патролен тим со термална камера, кои работат на откривање на илегални мигранти и криумчарење на мигранти во внатрешноста.
„Во поглед на унапредување на граничното управување она што ја обележа изминатата година беше ратификацијата и операционализацијата на Договорот помеѓу Република Северна Македонија и Европската Унија за оперативните активности спроведени од страна на Агенцијата за европска гранична и крајбрежна стража. Европската Унија на овој договор гледа како на конкретен чекор во зачувување на безбедноста на Унијата, бидејќи заштитата на македонските граници од мигрантските текови, нелегалната миграција и од прекуграничниот криминал значи заштита на границите на ЕУ. Со неговото влегување во сила се овозможи, на наше барање, да се распоредат полициски службеници на ФРОНТЕКС на критичните точки на границата, заедно со нашите полициските службеници, што придонесува кон зголемување на нивото на соработка, размена на искуства и знаење, како и можност да се користи целата опрема на Фронтекс.
Денеска заеднички ги констатираме придобивките од потпишаниот договор и неговото значење за европски пристап при контрола на миграциските текови, обезбедувањето на надворешните граници на ЕУ и безбедноста на границите во регионот на Западен Балкан, во што и практично ќе имаме можност да видиме како тоа функционира на терен”, истакна Бојмацалиев при посетите.