Какви се перспективите и можностите за младите луѓе – оваа тема беше истражувана во рамките на првиот поткаст насловен „Гласот на МААА“ на Македонско Американска Алумни Асоцијација (МААА).
Силно веруваме дека гласот на МААА треба да се слушне, бидејќи МААА има широк спектар на експерти од повеќе дисциплини, подготвени да дадат совети за различни теми на оние на кои им е потребна, посочи Катерина Топалова, новинарка и членка на МААА. Заедно со неа во првата епизода на поткастот учествуваа и Бојан Кордалов, комуниколог и Иван Дургутов, младински активист.
Да се биде млад човек денес, меѓу другото, значи секојдневно да ви го поставуваат прашањето зошто не сте се иселиле од својата земја“, истакнува младинскиот активист и член на МААА, Иван Дургутов
„Причината поради која сѐ уште сум во Македонија е вербата во македонските млади. Не само што сме еднакво компетентни со нашите европски врсници, туку во многу нешта сме и подобри. Мојата заложба е да ја дигитализираме нашата земја, да се освестиме да ги искорениме стекнатите стереотипи и да се осигураме дека секогаш кога ќе се одлучува за младите, младиот човек ќе биде присутен на тие столчиња“, вели Дургутов во поткастот „Гласот на МААА“
Кога еден млад човек заминува во западните земји на одредена студиска програма или, пак, заради учење, пракса или работа, тоа е позитивно за целото наше општество, смета комуникологот и член на МААА, Бојан Кордалов.
„Таа млада личност тогаш се стекнува со меѓународни пракси кои понатаму може да ги примени тука. Само еден пример, овој поткаст не би го снимале денес ако не беше нашето вредно искуство од студиските посети и програми во САД. Но, она што мора сите да не загрижи е огромниот процент на млади кои заминале, а кои на прашањето ‘Дали би се вратиле во својата земја’ јасно одговараат дека не би го сториле тоа“, посочува Кордалов.
И тој проблем има име и се нарекува држава која не ја кроиме по мерка на младите, потенцира тој, додавајќи дека само држава која се гради според потребите на младите е држава која е прилагодена на потребите на сите луѓе.
Стекнати многу нови знаења и вештини, како и позитивни практики кои по враќањето од САД започнале да ги применуваат во доменот на своето работење и кариера се само дел од позитивните лични и општествени придобивки според Топалова, Дургутов и Кордалов од нивното учество на различните студиски програми во Соединетите Американски Држави.
Целиот поткаст е достапен на следниот линк:
Ова е првиот од серијалот поткасти на МААА, насловен „Гласот на МААА“ во рамките на проектот „Алумни поттикнуваат волонтерство и воннаставни активности“.