Максималниот износ на повратот за МојДДВ до 2028 година ќе се зголеми на 3.000 денари.
Ова го најави директорката на УЈП и носителка на листа на СДСМ во ИЕ3 на промоцијата на „Програмата за европска иднина“.
Лукаревска при презенитација на дел од мерките предвидени во програмата на СДСМ, најави дека износот на повратот за МојДДВ до 2028 година ќе се зголеми на 3.000 денари.
-Оваа мерка, која ја воведовме пред речиси 5 години, е уште еден ефикасен механизам за заштита на домашната економија и на државниот буџет, но и мерка преку која вративме близу 150 милиони евра во семејниот буџет на граѓаните МојДДВ продолжува да се бори со сивата економија заедно со граѓаните, рече Лукаревска.
Во 2025 година максималниот износ на поврат ќе се зголеми на 2.400 денари, во 2027 на 2.700 денари, а на крајот на мандатот во 2028 година тој ќе изнесува 3.000 денари во едно тромесечје.
Проектот „МојДДВ“ како еден од најуспешните, го оправда своето постоење. За речиси 5 години од спроведувањето на оваа мерка, преку „МојДДВ“ на сметките на граѓаните се слеале близу 150 милиони евра.
Тоа се сериозни пари кои се директно исплатени на сметките на граѓаните и позитивно влијае врз семејните буџети кај повеќе од 540.000 корисници на оваа мерка.
Освен дополнителниот приход за корисниците, оваа мерка има и позитивен ефект во намалувањето на сивата економија. Се повеќе граѓани бараат фискални сметки од бизнисите. Евидентиран е зголемен број на пријави од страна на граѓаните за неиздавање на фискални сметки.
Во семејство со двајца корисници – плус 16.800 денари годишно во семејниот буџет
Од јануари 2023 година се зголеми прагот на враќање на дел ДДВ-то изразено во фискалните сметки, од 1.800 денари за едно тромесечје, на 2.100 денари, односно 8.400 денари годишно по корисник.
Граѓаните кои скенираат фискални сметки во едно тромесечје сега може да остварат максимален износ од 2.100 денари по корисник. За цела една година тоа се 8.400 денари по корисник.
Доколку во едно семејство има двајца корисници на оваа мерка, тоа се 16.800 денари во семејниот буџет во текот на една година.
Според последните информации, апликацијата Мој ДДВ ја користат преку 540.000 граѓани или над една четвртина од вкупното население во држвата.