25. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈА

Битиќи: Ќе обезбедиме минимална пензија од 20.000 денари и дополнителни 100 евра за сите пензионери на крајот на секоја година

Осврнувајќи се на ветувањата на ВМРО-ДПМНЕ за линеарно зголемување на пензиите од 5.000 денари, вицепремиерот за економски прашања и потпретседател на СДСМ, Фатмир Битиќи во интервју за Слободен печат истакна дека тоа е популистичка мерка која потсетува на поранешни алатки на ВМРО-ДПМНЕ за манипулација на пензионерите.

Според него, мерките што СДСМ ги предлага за пензионерите се издржани и далеку поефикасни.

„Убаво е пензионерите да слушнат дека ќе има покачување од 5.000 денари, но уште поубаво е кога ќе им кажеме дека минималната пензија ќе биде 20.000 денари, а сега е на ниво на 13.000 и нешто. Дали е подобро 7.000 наспроти 5.000? Просечната пензија во државата ќе биде 30.000 сега е 19.700, тоа е 10.000 денари повеќе и тоа е повеќе од 5.000 денари. 5000 денари што ВМРО-ДПМНЕ ги нуди се 500те денари на Груевски. Ни не зборуваме ниту за 500 ниту за 5.000 денари, ние зборуваме за минимална пензија од 20.000 денари, за просечна пензија од 30.000 денари“ рече Битиќи.

Тој најави и дополнителна мерка за поддршка на пензионерите која би се исплаќала на крајот од секоја година.

„Независно од усогласувањата, ние имаме и уште една мерка, подарок од 100 евра односно 6.000 денари за сите пензионери. Сите ќе добијат по 6.000 денари плус на крајот на годината за да можат да си приуштат повеќе за Нова Година, за Божиќ заедно со нивните деца и внуци“ посочи Битиќи.