18. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈА

Зошто ВМРО-ДПМНЕ ја поднела кандидатурата за Давкова со потписи од пратеници, а не со потписи од граѓани? СДСМ и Пендаровски се сомневаат во валидноста на потписите за кандидатката

Дали ВМРО ДПМНЕ собра потписи за Давкова како што „објавија“? Ова е прашањето кое денеска го поставија од тимот на претседателот Стево Пендаровски.

„Гордана Силјановска Давкова од ВМРО-ДПМНЕ е единствениот кандидат за претседател на државата, кој наместо потребните граѓански потписи до Државната изборна комисија со својата кандидатура достави потписи од пратеници.

Пред само две недели ВМРО-ДПМНЕ се фалеше дека за Гордана Силјановска Давкова се потпишале најмногу граѓани, се споменуваа бројки од 20.000, 25.000 потписи па и повеќе. Но на крајот, кандидатурата на Силјановска Давкова беше поткрепена само со триесеттина потписи на пратеници од редовите на ВМРО-ДПМНЕ.“ – велат од тимот на претседателот.

Прашуваат зошто Давкова и ДМПНЕ се одлучиле за ваков потег.

„Дали на денот на собирање на потписите излажаа за вкупниот број на собрани потписи? Дали на списоците можеби имало преклопување на одреден број потписи, едните депонирани во нотарски канцеларии а другите во подрачни одделенија на ДИК? На крајот, дали конечниот број на потписи не само што не е драстично поголем, туку и е помал од бројот на собрани потписи од страна на Стево Пендаровски?“ – прашуваат од тимот на Пендаровски.

Дека ДПМНЕ нема собрано валидни, законски потписи за Силјановска Давкова, се сомневаат и од СДСМ

На денешната прес-конференција портпаролката на СДСМ Богданка Кузеска рече дека кандидатурата во ДИК за Силјановска ДПМНЕ ја поднела со потписи на пратеници, а не со потписи од граѓани.

„Очигледно, ДПМНЕ како што ги лажира анкетите, сакала да ги лажира и потписите, па кога разбрале дека ќе се проверува легалноста на секој даден потпис не ги поднеле. Ова е можеби за прв пат ДПМНЕ да нема собрано потписи зад својот кандидат, но тоа и не е толку важно. Клучното е дека ниту ДПМНЕ ниту Гордана Силјановска ја немаат поддршката од граѓаните.“ – рече Кузеска.

Реакција стигна и од ВМРО ДПМНЕ. Од таму велат дека поднесувањето на кандидатурата е технички процес.

„Професорката Силјановска Давкова имаше историски најголем одзив од граѓаните при собирањето на потписите за нејзината кандидатура и тоа е она што е најголема болка за Пендаровски и СДС.“ – велат од ВМРО-ДПМНЕ.